По одбивањето од светските дизајнери, Мелиса Мекарти лансира сопствена plus size колекција

10 јуни 2014

Одличната актерка Мелиса Мекарти отсекогаш јавно зборуваше за тоа дека поради нејзината тежина, не може да најде соодветна облека за свечените настани на кои многу често присуствува.

Токму поради тоа, таа понекогаш дури и сама си ги дизајнираше фустаните за на црвениот килим, а последните вести се дека таа наскоро ќе лансира цела колекција plus size фустани за разни свечености.

За таа цел, актерката ги здружи силите со дизајнерката Даниела Прл која и помогна и во дизајнирањето на нејзиниот фустан за доделувањето на Еми наградите.

Како што и самата актерка посочи, многу често кога одела во шопинг се соочувала со неверојатни потешкотии при изборот на соодветниот фустан за неа. Но, она што дополнително ја мотивирало да се одлучи да дизајнира цела колекција plus size фустани, е тоа што во 2012 – тата година, вкупно шест светски познати дизајнери кај кои таа се обратила за фустан, ја одбиле веднаш.

„Кога одам во шопинг, постојано се разочарувам. Пред две години, за доделувањето на Оскарите, се обратив кај пет или шест светски дизајнери и никој од нив не сакаше да дизајнира фустан за мене“, изјави Мекарти.

Дека таа воопшто немала никаков проблем да се соочи со тежината и дека отсекогаш била неверојатно позитивна и весела личност, докажува и нејзиното последно интервју во кое таа зборува за нејзините денови на колеџ каде често сакала да се забавува и да се шегува со себеси, па носела разни видови шминка, постојано правела луди фризури и носела панкерска облека.

Таа и денеска е една од најзабавните актерки во Холивуд и воопшто, многу весела личност. Во интервјуто таа зборува и за бракот со комичарот Бен Фалконе.

„Ние двајца имаме супер брак и ниту една надворешна сила не може да го промени тоа. Успехот не е тој што не дефинира како личности, иако ние го обожуваме она што го работиме. Најважно од сѐ во нашиот живот се нашите деца“, вели харизматичната Мекарти.

Објавено:
10 јуни 2014
Категорија: 
Актуел