Погледнете што се случува зад сцената од „Танц со ѕвездите 2“

13 јануари 2014

Изминатиот викенд на првиот канал на Македонската телевизија имавте можност во два дела да ја гледате втората емисија од втората сезона на танцовото шоу „Танц со ѕвездите 2“, каде македонските ѕвезди ви покажаа колку ја научиле основата од стандардните и латино танците. Како ѕвездите, така и професионалните танчари се ставени пред нов танцов предизвик, преку кој оваа втора сезона од шоуто ќе се потрудат да ги импресионираат судиите и гледачите пред Тв екраните. Актери, спортисти, водители и музичари ќе го разгорат танцувачкиот  дух во себе и ќе пробаат да опстанат што повеќе емисии. Инаку, „Танц со ѕвездите“ е шоу кое е популарно не само кај нас и во Хрватска туку е лиценцирано во уште 42 земји што  имаат франшиза за емитување, меѓу кои: Англија, Албанија, Аргентина, Австрија, Франција,Финска, Данска, Русија, Турција, и уште многу други земји ширум светот.

 

Организираноста на ниво ја имаме и кај нас, блескава сцена, впечатливи костими, голем тим  и се разбира танц кој успешно го задржува нашето внимание. Бидејќи секогаш е интересно она што е скриено, а ако сте љубопитни што се случува кога камерите не снимаат, Fashionel за вас влезе зад сцената, додека сите се подготвуваа за снимањето.  Го погледнавме целиот спектар на костими, подготовката на шминка и фризура, но и разговаравме со дел од учесниците кои за прв пат со нас ги споделија своите впечатоци од првите две емисии, како се доживуваат во костимите, но и какви се нивните очекувањата за понатаму. Позитивната атмосфера беше очигледна, а исто толку позитивни беа и нашите соговорници, за кои заедничка е возбудата и новите искушенија. Презентерката на третиот дневник на Македонската телевизија, Марјана вели дека ќе се потруди да остане што подолго во игра и со нетрпение чека да облече различни модели на костими.

-Оваа улога што се нафатив да ја „глумам“ на некој начин е навистина огромен предизвик и се надевам дека професионално ќе го направам истото до крај. Во однос на костимите јас сум воодушевена, костимографот на шоуто, господинот Раде Василев има создадено костими што прикажуваат приказна од секој танц. Јас имам многу сериозна професија како Тв презентер на вести и се прикажувам во едно класично и строго светло. Но, не се плашам да облечам и провокативен костим, а и тоа ми е предизвик. Латино танците се карактеристични по таквите костими и едвај чекам да видам какви ќе носам за следните снимања. Што и да ми биде дадено сакам да го износам на правиот начин на сцена, се разбира преку танцот, изјави Марјана.

Успешната пливачка, Наташа Мешковска ќе му се спротистави на секојдневниот начин на живот, со тоа што ќе го „зачини“ со многу танц, за кој верува дека сега засега одлично се снаоѓа.

-Уникатно чувство за мене е да бидам дел од ова шоу во улога на танчар, сосема поразлично од мојата професија и начинот на живот кој го водам. Токму поради предизвикот ја прифатив оваа шанса и мислам дека сега засега супер се снаоѓам во улогата. Се уште не сум ја разгледала целата костимографија, но сум многу задоволна од третманот на главниот костимограф и неговиот тим, многу се флексибилни и договорот секогаш ни е заеднички. Костимите можам да кажам дека се еден експеримент за мене, досега носев само два, но сметам дека на мојот сензибилитет повеќе ми одговараат костимите од латино танците, рече Мешковска

Актерот, пејач и водител, Влатко Илиевски сега е и во улога на танчар. Тој вели дека ќе се обиде да се покаже успешно и на ова поле, а засега е задоволен од комплетната соработка со сите инволвирани.

-Трошам многу енергија преку танцот и се трудам да се претставам во најдобро светло. Се надевам дека ќе останам повеќе емисии и да научам што повеќе. Првиот настап играв валцер и носев класичен костим, сега сум во малку поопуштена варијанта за румба. Сите костими се прекрасни и наменски направени според нашите пропорции, се разбира заслуга на вистински професионалец. Брзо се договараме, нема многу сугестии, зашто според мене костимот говори исто колку и танцот, така што тука се е предвреме смислено и нема потреба од отстапки. Костимот е многу важен, но не толку за  да се издвоиш пред очите на публиката, танцот го има главниот збор пред гледачите.

Пејачката Сара Костадиновска уште првата емисија се покажа дека музикалната страна во себе и помага и во танцувањето. Дека танцот се прилепил на неа и повеќе од потребното, е повредата со која таа се здоби  поради желбата да тренира и повеќе од предвиденото.

-Танцот си го сфатив многу сериозно, уште од првата емисија се опуштив, дури и претерав. Го терав мојот партнер Мишо да имаме проба секој ден, дури и на 31-ви за Нова година кога си набив ребро, бев во болница и затоа сега морам повеќе да одморам, но не се откажувам од играњето и учењето на нови чекори.  Сега сум добро и баш костимот што го носам, а ќе играме Пасо Добле ми дава дополнителна сила да изиграм најдобро. Но, секој костим си има своја убавина и не ми е важно каков ќе ми се падне. Гледам да го прикажам преку танцот како што треба, ни раскажа и Сара.

Се надеваме ви се допадна она што го споделивме со вас, а наскоро ќе читате и повеќе детали од костимографијата што ќе ни ги открие главниот костимограф Раде Василев.

Објавено:
13 јануари 2014
Категорија: 
Актуел