Елена Ристеска, Сашко Коцев, Тамара Тодевска, Димитар Атанасовски и водителот Ненад Ѓоргиевски се собраа за ист повод, односно креативната џинс работилница „Џинсоманија“, која денес се случи во трговскиот центар Сити Мол. Темата на настанот беше џинсот како текстура што најчесто ја применуваме во нашето секојдневие, а дека истиот е повеќе од моден детаљ и нешто повеќе од само парче облека, говоревме со младите студенти по арт и дизајн при Европскиот Универзитет. Тие по сугестија на познатите што беа дел од настанот, модифицираа постари тексасни парчиња обезбедени од неколку брендови и создадоа нови и практични за носење. Па така секој од присутните ѕвезди си доби нов аксесоар или пар фармерки кои од стар модел беа трансформирани во тренди и носливи.
Шивачката машина и рацете на креативните студентки инстантно креираа нешто поинакво, што на крај беше подарок за нивните славни „клиенти“. Идните надежни креаторки велат дека ова е одличен настан и идеја што полека ги воведува во реалноста на професијата за која се образуваат.
-Џинсот како материјал за мене е доста инспиративен, во моментот изработувам ѓердан од патенти со основа од темен тексас. Предизвик е да се работи со некое познато лице од македонското јавно небо, зашто сепак ние сме студенти и досега не сме имале слична можност како оваа денес, вели студентката Ивана Николова.
-Изработувам аксесоар односно чантичка по желба на Сашко Коцев и се надевам дека и понатаму ќе си ја носи. Од едно старо парче џинс може да излезат многу парчиња, а луѓето ретко се свесни дека со малку креативност може да си направат нешто модерно. Идејата е одлична пред се за нас како студенти, но можеби и како поттик за останатите да не ја фрлаат старата облека туку да ја трансформираат во нешто оригинално, изјавува уште една од студентките, Ана Лазова.
И пејачката Елена Ристеска за темата „Како да го искористам стариот џинс“, вели дека понекогаш знае да промени некое свое старо тексасно парче и тоа најчесто да го модифицира во аксесоар.
-Џинсот е моето секојдневие. Имам многу фармерки дел од нив не ги носам зашто се зависи од кројот, а тоа пред се ми е многу важно. Имам многу нијанси па во зависност од сезоната ја избирам и нијансата. Имам едни фармерки што ми се омилени и ми одговараат со се, а сметам и дека одлично ми прилегаат. Немам многу време, но кога го имам знам нешто да променам и експериментирам со џинсот. Поголем дел од гардеробата ја подарувам зашто сметам дека е подобро отколку да стои во гардероберот.
Актерот Сашко Коцев седнат до машината за шиење во друштво на студентките укажуваше каква машка чанта му е потребна, а од крајниот резултат на сработеното беше многу задоволен.
-Многу малку имам панталони, се останато е фармерки. Многу носам фармерки и сум многу селективен во изборот. Еве овие денес што ги носам ми се омилените и ми одговараат со многу комбинации. Старите парчиња ги подарувам на лица што навистина им се потребни, така да тие парчиња завршуваат на вистинското место. Имам дома архива од неколку постари модели, во случај повторно да ми текне да ги облечам. Некогаш кога ги гледам некои стари фармерки се чудам како сум ги носел, но тогаш модата била таква. Денешниот настан е супер, јас еве си добив една обработена мини футрола од заден џеб на фармерки и сигурно ќе ја носам, вели Сашко Коцев.
Настанот беше одличен, забавен и креативен, доколку и вие се мотивиравте од идејата, тогаш почнете да барате некој постар тексасен чифт од гардероберот и преобразете го во нешто ново и носливо.