По петти пат оваа година Здружението на граѓани ОХО организира Trash Fashion Macedonia, натпревар на креации изработени со реупотреба на материјали, наменет за сите средни училишта кои се вклучени во програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која ја имплементира ОХO во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија.
Целта на Trash Fashion Macеdоnia е на иновативен начин да ги поттикне и анимира младите да ја развијат свеста за заштита на животната средина, собирајќи го отпадот околу нив и да креираат оригинални модели преку неговата реупотреба.
Trash Fashion Macedonia е единствен настан од ваков вид во Македонија, за кој покрај македонските медиуми, објавуваат и повеќе светски медиуми како The Telegraph, Guardian, World Fashion и Gironalettisimo.
Оваа јубилејна петта година, една недела пред официјалнот настан, ќе има промотивна изложба со наслов „Дизајнерите за Trash Fashion Macedonia 2015”. На изложбата пет познати македонски дизајнери ќе ја претстават својата Шапка, изработена со реупотреба на материјали. Целта на оваа изложба e да се покаже дека македонските дизајнери се свесни за животната средина и дека умеат да работат со нестандардни рециклирачки материјали. Дизјанерите кои се вклучија се: Ирина Тошева, Јована Филиповиќ, Алмир Ибраим, Драган Христов - Лудус и Билјана Клекачкоска.
Oфицијалната ревија Trash Fashion Macedonia 2015, ќе се одржи на 3 јуни 2015 во МКЦ, по повод Светскиот ден на животната средина и на настанот ќе учествуваат тимови од повеќе од четириесет средни училишта во Македонија кои веќе четири месеци минуваат низ процесот на собирање, рециклирање и изработка на своите оригинални модни дизајни.