Празнична креативност на лицата со Даунов синдром

16 декември 2015

Лицата со Даунов синдром како и сите оние што сакаат подеднакво и рамноправно општество,  ќе ги здружат креативните идеи со македонските дизајнери на 19 декември (сабота), на предновогодишна работилница во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“.

Под менторство на модните дизајнери Ирина Тошева и Олгица Ѓоргиева, и графичкиот дизајнер Емилија Мишова Старова („Ем Елефантски“), учесниците ќе прават  уникатни новогодишни честитки кои потоа  ќе бидат изложени за јавноста и публикувани  на социјалните мрежи.

Настанот е во организација на „Јавна соба“ и Моден викенд Скопје, со помош на активистките Марија Матовска и Росица Колева кои долги години се занимаваат со поддршка  на лицата со Даунов синдром. На работилницата учество ќе земат и студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет од насоките за моден и графички дизајн : Есма Ќазим, Емануела Јосифовска, Зорица Стојанова и Анастасија Чадо.

-Покрај тоа што сакамe да им ги разубавиме празниците, пред сe сакаме уште еднаш да покажеме дека лицата со Даунов синдром се многу креативни, активни  и истрајни во работата како и многу други деца, и доколку им се пренесат вистинските вештини од страна на професионалци можат да допринесат многу за сопстениот развој и развој на целото општество - вели тимот кој ја организира работилницата.

Во Македонија постепено се зголемува бројот на организации и индивидуалци кои посветуваат големо внимание на развој и општествена инклузивност на лицата со Даунов синдром.

Објавено:
16 декември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
218 пати