Во „Јавна соба“ вчеравечер имавме можност да присуствуваме на една весела и по малку необична забава. Но, веројатно најинтересната на која некогаш сме биле.
Росица Колева, претседателката на здружението „Инклузивни решенија“, одлучи својата љубов со избраникот Суад да ја прослават и поделат со драги луѓе, меѓу кои и лицата со Даунов синдром, кои се потрудија оваа вечер да биде незаборавна.
Така, и ние се упативме да посведочиме на овој убав момент. Инаку, лицата со Даун вчера им помагаа на вработените од „Јавна соба“ околу послужувањето, кетерингот, работата зад шанкот, декорацијата.
На самиот влез видовме огромен постер со фотографии од заедничките, драги моменти на Росица и нејзините другари со Даунов синдром, кои бескрајно се радуваа на нејзината среќа.
На забавата се сретнавме со бројни нам познати лица и пријатели, меѓу кои и Марија Матовска, еден од иницијаторите на оваа идеја и член на „Инклузивни решенија“.
- Некаде пред крајот на летото, дојдовме на идеја со мајка ѝ на Флоренс, сопругата на британскиот амбасадор кај нас, госпоѓа Гарет, дека би било убаво сите овие млади луѓе со Даунов синдром да добијат некакво познавање на кулинарски и угостителски вештини – готвење, служење на пијалоци, кетеринг... И одлучивме да го направиме тоа. Тргнавме од тоа дека Флоренс во Лондон учела угостителство заедно со чување деца, и дека таа заедно со поискусни лица од оваа област можат да им помогнат на останатите млади со Даунов синдром да го совладаат тоа. Со Росица седевме и зборувавме за ова, и таа дојде на идеја, да направи коктел забава, што ќе биде како прослава на регистрацијата со нејзиниот сопруг, која претходно се случи во Германија, во кој ќе бидат вклучени и овие лица и каде ќе можат да ги покажат стекнатите вештини – ни раскажа Матовска за почетокот на оваа идеја.
Инаку, во изминативе речиси два месеца, по тој повод биле организирани работилници.
- Секој викенд последователно, се работеше на идејата. Сите овие млади луѓе учеа како се готви, правевме разни специјалитети, што се случува зад шанкот, како се служат гости, како се раскреваат садови и слично. Во исто време, имаше и креативни работилници, каде имаа можност да си го развиваат креативниот потенцијал, како и моториката на рацете, па правевме украси, честитки, постери од наши заеднички дружења. Правевме и авиончиња и бротчиња бидејќи Росица и нејзиниот партнер постојано патуваат – ни посочи Марија.
Резултатот беше забава која на сите нивоа е инклузивна. Секој од нив беше во нешто вклучен. Дел беа во кујната, дел зад шанкот, дел ги пречекуваа гостите. Флоренс ги фотографираше гостите со полароиден фото-апарат што беше ретро-кул момент. Овој пат беше без Цако, братот на Марија, кој со групата „Денсерс Јунајтед“ во моментов е во Грац на светски натпревар по танц, со останатиот дел од другарчињата со Даунов синдром.
Бети, со која исто другарувавме и пишувавме за нејзиниот талент и златни раце, овој пат направи прекрасен плетен бидермаер за Росица и плазма торта во форма на срце!
-Се потрудивме да ги вклучиме во сите сегменти. На пример, беџовите што сите ги добивме на самиот влез, се дизајн на Никола, братот на Росица, кој исто така е лице со Даунов синдром. Тој се занимава со компјутерски дизајн и неодамна имаше своја изложба – ни откри Марија.
А ние другарувавме и со Дарко. Тој е пијанист, а вчеравечер беше дел од бендот задолжен за добрата атмосфера. Дотеран и весел, тој ни позираше пред клавијатурите и беше нестрплив да почне музиката.
-Се надеваме дека освен што ќе се забавуваме, ова ќе биде поттик и за другите луѓе што ќе прават некаква забава, да ги вклучат и овие млади со Даунов синдром. Можеби сѐ уште не сме во фаза на обученост да можат цел настан да го „избуткаат“ сами, но за поситни детали можат да се најдат. Ова може да биде повик и за корпоративна одговорност на бизнис ентитетите. Иницијативата ја поттикнавме поиндивидуално, преку нашите семејства и семејствата што имаат лица со Даунов синдром, но решивме сепак да му дадеме форма, па ова сѐ што се случуваше беше под капа на активностите на здружението „Инклузивни решенија“ – ни кажа за крај Матовска.
На Росица и Суад им посакуваме многу среќа. А вие погледнете дел од атмосферата на забавата, каде се славеше љубовта, не само помеѓу двајца млади, туку и кон животот, прифаќањето, различноста, сплотеноста, креативноста...