Ребека: Да ги споиме нашите светови со Бал на различности

25 ноември 2014

Да им дадеме крилја на оние на кои им се најпотребни...

Со оваа мисија веќе години наназад, здружението „Дајте ни крилја“ волонтерски и несебично се стреми  да овозможи соодветни услови за квалитетен живот на лицата со посебни потреби и рамноправност во користењето на добрата кои ги овозможува опшеството.

Токму со една идеја под слоганот „Да ги споиме нашите светови“, во четврток (27 ноември) се одржува вториот по ред Бал на различности, овој пат во Македонскиот народен театар со почеток во 19 часот.

По тој повод, разговаравме со Ребека, која и покрај тоа што на пошироката јавност и е позната како една од највлијателните дами на македонската музичка сцена, сепак таа несебично се вложува и на полето на хуманоста и на подигање на свеста во однос на луѓето кои се  поинакви, како претседател на здружението на граѓани  за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“.

Ребека облечена во комбинација од новата Бизнис колекција на Елена Лука Ребека облечена во комбинација од новата Бизнис колекција на Елена Лука

 

Во ова современо живеење каде по некоја дефиниција владее демократија, проблем ли е се уште да се биде различен?

-Зависи во која смисла и во кои сфери во животот. Некаде различноста се почитува, особено ако имате добри идеи, ако размислувате визионерски и сте пред времето. Но, некаде да се биде поинаков е проблем. Сепак различноста е трн во око, го привлекува сечие внимание, а тоа има и црна и бела страна.

Минатата година прв пат се одржа  настанот Бал на различности воден од слоганот „Не гледај со очите, туку со срцето“. Годинава продолжувате со организацијата, овој пат со уште една силна порака „Да ги споиме нашите светови“. Кој е мотивот?

-Мислам дека овој настан едноставно ги крши сите правила, норми, табуа... Во секој случај многу е тешко тоа да се направи, кога станува збор за лицата со посебни потреби или лицата со пречки во развојот, хендикеп или ретки болести, нетипичен развој. Во цел свет, па дури и во оние најсовремените општества, сепак има еден дел на луѓе кои размислуваат поинаку и сметаат дека тие луѓе треба да се некаде настрана. Ние за жал сме земја во која свесноста за таквите поразлични луѓе е на пониско ниво. Верувале или не, се уште постојат луѓе кои мислат дека тоа е заразно... Но, токму со таква иницијатива го организираме настанот, за да се скршат таквите стереотипни размислувања. Среќни сме што оваа година при организацијата на второто издание на Бал на различности наидовме на поддршка од Министерството за култура. Јас велам, да придобиеме барем еден процент од луѓето кои ќе го проследат настанот, значи сме направиле голем исчекор и допрела пораката.

 

Овој поинаков Бал, на сцената на МНТ ќе собере голем број еминентни имиња од различни општествени сфери, но пред се хумани луѓе кои ќе ја дадат својата поддршка кон иницијативата да се подигне свеста на јавноста во однос на луѓето со посебни потреби.

-Во програмата имаме многу еминентни имиња, ѕвезди познати во и надвор од Македонија, како Борис Трајанов и Весна Гиновска. Ексклузивно тука ќе ја спомнам и модната ревија која повторно е со поддршка на Елена Лука. Минатата година исто така имавме ревија поддржана од Елена Лука,  каде што имавме сублимат на лица, жени и дечиња, со нормален, но и деца со нетипичен развој. Имавме жена која никогаш не ни сонувала дека ќе биде манекенка и ќе се појави на еден ваков настан. Едноставно и минатата година, исто како што се стремиме и за оваа, остваривме  соништа. Она што го правиме оваа година е ревија на една млада дама,која студира моден дизајн, Анастасија. Таа сама за себе вели, јас сум лице со посебни потреби, но сакам да го дишам истиот воздух како вас и да го живеам животот исто како сите други. Навистина многу се труди и многу постигнува во животот. Се запиша и на факултет и токму на Бал на различности ќе биде исполнет нејзиниот сон за своја модна ревија. Токму затоа јас се јавив кај Елена Лука  и повторно тропнавме на нејзината врата,  и многу ми е драго што повторно се прифати оваа идеја да исполниме уште еден сон. Анастасија под раководство на тимот на Елена Лука, ја создава својата колекција за нејзината модна ревија. На таа ревија, успешни жени од различни сфери ќе ги носат креациите на Анастасија, секако помогнати од Елена Лука.

Елена Пандева и Анастасија Елена Пандева и Анастасија Чадо

Тоа зборува дека сите луѓе кои ќе учествуваат на настанот, се со високо развиена свест и им е чест што се дел од Бал на различности.

„Се вклучивме во хумана мисија, го остваривме сонот на Анастасија Чадо, која боледува од Церебрална парализа.  Анастасија е втора година,  Дизајн, на Европскиот факултет. Таа во Елена Лука дојде на стручна пракса. Претседателот на Здружението „Дајте ни крилја“, Ребека, ни раскажа за сонот на Анастасија. Елена Пандева генералниот менаџер на Елена Лука, заедно со целиот тим помогна во реализацијата на нејзината желба. Колекцијата, е на тема Вода,  составена е од 9 долги тоалети, кои со формата и бојата успешно ја доловуваат  тематиката. Идејата  е на Анастасија, Елена Лука помага во целиот концепт, вклучувајќи: корекција на скици, моделирање и изведување на модели. Анастасија со својата колекција ќе се претстави на Бал на различности и тоа ќе биде остварување на еден од нејзините соништа“, велат од Елена Лука.

На овој единствен настан, гостите ќе добијат подарок: чувство на радост што ќе го доживеат кога ќе ги видат достигнувањата, вештините и талентите на лицата со типичен и нетипичен развој и шанса да чујат и видат голем дел од македонските естрадни уметници, врвни солисти и актери кои на еден уникатен начин ќе се претстават на годинешното издание на Балот на различности.

Во продолжение ќе читате и за тоа како се одвиваа подготовките на колекцијата за првата самостојна ревија на Анастасија, несебично поддржана од Елена Лука

Објавено:
25 ноември 2014
Категорија: 
Актуел