Моден викенд Скопје го најавува своето седумнаесетто издание кое ќе се одржува од 30 март до 1 април под слоганот „What feeds your imagination?“.
Во нов и необичен амбиент -Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, изминатиот викенд пред фото објективите застана новата FWSK девојка од модната агенција „Подиум“ Мануела Гочевска.
Водени од мислата дека несекојдневното место е всушност и најдоброто место за да ги видите пролетните колекции, седумнаесеттиот Моден викенд Скопје ќе се одржи токму таму.
Модата се смета за еден од најголемите визуелни феномени веќе со децении и она што одамна ги помести границите меѓу уметноста, литературата, архитектурата и формите. Резултат на интеракцијата меѓу модата и уметноста е имагинацијата.
„Преку модните креации сакаме да ги прочитаме, ослободиме и предизвикаме имагинациите и визуелната култура кај сите модни вљубеници“, велат организаторите.
Моделот Гочевска е облечена во колекцијата на „Mango“ и Fashion Group Macedonia.
За фризурата се погрижи „Rebeel“ во соработка со Даниел Артевски а за шминката Зоран Шурбевски.
Фотографиите и видеото од снимањето ги потпишува Марина Трајковска а графичкиот дизајн на имиџ-насловната Дејан Зафировски.