Секирарски ја претстави есенската колекција пред домашната публика

22 ноември 2013

Откако ја презентираше колекцијата есен-зима 2013/14 пред белградската публика, вчера во клубот Театро Ненад Секирарски ја покажа својата работа и пред домашните љубители на модата, бројните пријатели и соработници.

-Драго ми е што имам прилика и овде да ја презентирам мојата работа. Се одлучив за малку поинаков амбиент, интересен, колоритен и сметам дека убаво се вклопува во севкупната презентација - ни изјави Секирарски.

Дизајнерот остана доследен на својот стил, па низ клубот вчера продефилираа манекенки во вечерните тоалети, а преку нив можеше да се забележи елеганцијата, комбинирањето на различните материјали и фадо музиката  како негова инспирација. Креациите беа збогатени и со апликации, во комбинација со монистра, тантела, а од боите се застапени црната, бисерните нијанси и темносината.

Меѓу присутните гости беше и пејачката Маја Вукичевиќ, која ги сподели своите впечатоци за Fashionel.mk.

- Сосема невообичаено за Ненад Секирарски, да има ваква ревија, во ваков клуб, но сметам дека е нешто урбано и ново. Долго време соработувам со него, а оваа ревија навистина ми се допадна. Го има голиот грб по кој е препознатлив. Има неколку фустани што навистина ми се допаѓаат, но со оглед на мојата висина, ќе мора да ги приспособиме. Му посакувам многу успех и понатаму.

И стилистот Александар Билјановски - Дадар ја проследи ревијата со големо внимание.

-Елегантно, женствено и софистицирано - тоа е мојот впечаток за она што го видовме како креација од Секирарски. Ми се допаѓа и атмосферата и уживав вечерва - изјави Дадар.

Со оваа ревија дизајнерот воедно одбележа и 20 години од својата кариера.

Објавено:
22 ноември 2013
Категорија: 
Актуел