Северина во креација на македонска дизајнерка во Словенија

8 октомври 2020

Креација на младата македонска дизајнерка Евгенија Зафировска, која години наназад живее и работи во Словенија, беше одбрана за една рекламна кампања чие заштитно лице е Северина.

Имено, познатата пејачка била ангажирана за реклама за познат хрватски синџир оптики, а Зафировска е една од дизајнерите чии креации носи.

„Во фотосесијата соработувавме повеќе дизајнери кои бевме одбрани од тимот на Северина. Тие не' исконтактираа, а на мое големо задоволство, Северина изјави желба да го задржи комплетот за планираното патување. За жал вирусот и ги промени плановите, но таа изгледаше совршено во креацијата од мојата претпоследна колекција. Тоа е всушност и првиот модел кој ја отвори ревијата на модната недела во Љубљана“, објаснува дизајнерката.

Токму овој модел ја отворил нејзината ревија на модната недела во Љубљана

Таа додава дека философијата на нејзиниот бренд „EZ“ е понуда на дизајн кој е безвременски, континуиран и носи порака. Истовремено е практичен и современ, што го рефлектира времето во кое живееме. Од почетокот на нејзиното творештво посебно внимание обрнува на одржливата и етичка мода.

„Секогаш се трудам да дадам поддршка на локалните занаетчии, квалитет пред квантитет, дизајнирањето на принцип „нула отпад“ и рециклирањето за мене е совршенство при дизајнирањето. Двата концепта се преклопуваат во идеологијата, но секој од нив има малку поинаква грижа и двата се подеднакво критични за иднината на модата“, смета Зафировска.

И покрај тоа што последниве години нејзината адреса на живеење и творештво е во Љубљана, сепак се труди редовно да биде пристуна и пред македонската публика. Така, беше застапена и на последните изданија на Моден викенд Скопје, каде ја презентираше колекцијата „White Stone“.

Парчињата се изработени исклучиво од природни материјали, а надополнети со тантела и елементи од рециклиран материјал. Преовладуваат белата и светлите бои, со микс на геометриски образци и простор за создавање чувство на проток и нежни струи. Инспирација за грациозноста и одржливоста на креациите претставува белиот брачки камен од кој е изградена Диоклецијановата палата.

„Пандемијата е можност за сите нас да ги преиспитаме нашите вредности, да размислиме за отпадот, потрошувачката и вишокот што веќе го имаме и дополнително го создаваме. Треба да размислиме за што навистина се залага оваа индустрија, бидејќи дизајнот на еден начин е креативно решение на проблемите во општеството. Модата трпи промени, реагира, се приспособува и ја докажува својата еластичност. Модната недела кај нас и во светот доби друга димензија. Дизајнерите, одвоивме време да се вратиме чекор назад, да разбереме и да апсорбираме што се случува. Mногумина почнаа да размислуваат поинаку, локално и одржливо. Промена дефинитивно се случи. Во Љубљана модната недела се одвиваше поразлично и подолго од вообичаеното. Модно шоу под маски, со сите правила за социјално дистанцирање“, сподели Евгенија.

Униформирани војници со романтичен призвук, комбинирање на авангардна едноставност, недостаток...мешавина на материјали, емоции... е само дел од истражувањето за новата колекција.

„Моментално работам на колекција која го прикажува и го чувствува денешното време/невреме“, откри дизајнерката.

 

Објавено:
8 октомври 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.196 пати