Овие два дена околу 300 до 400 модели продефилираа низ вратите на БЦБГ изложбениот салон со цел да се одберат најдобрите манекенки кои ќе се најдат на пистите за да ги презентираат дизајните и креациите на БЦБГ Макс Азрија и Ерве Леже.
Високи модели, облечени главно во црни парчиња облека, со високи потпетици, чекаа и по неколку часа во пространата светла сала за да влезат и да се престават пред кастинг директорите, настап кој трае околу 30 секунди.
Кастинг Директори
Моделите се повикуваат да се редат во групи од пет и да чекаат пред да влезат во собата за кастинг. Во одборот на кастинг директори се и двајца кои се едни од најбараните во индустријата, Мајада Грегори-Бојна и Рами Фернандес, кои само ги набљудуваат моделите, а повремено оние кои им го привлекуваат вниманието ги застануваат за да ги фотографираат повеќе од вообичаеното. Суштинското прашање на овие кастинзи е што точно бараат директорите од девојките? Еве го одговорот: убаво тело, нежен врат и убави глуждови.
„Јас лично барам девојки кои изгледаат паметно, интересно и кои имаат изграден карактер. Последнава карактеристика можам да ја прочитам и откријам во погледот на моделот. Не ми требаат манекенки кои зјапаат во празно“, истакнува Грегори-Бојна.
Модели
Да бидеме реални, кастинг директорите имаат тешка работа, да одберат само неколку од стотина убавици кои на секои пет минути дефилираат низ вратата. Манекенките се главните протагонисти на модните ревии, но еве и што мислат за кастинзите, како се подготвуваат и како се чувствуваат за време на модните недели.
Хериет Пол
„Се одржуваат многу кастинзи за време на модните недели, зависи на колку ревии ќе учествуваш толку и кастинзи треба да поминеш. Некогаш се случува да имаме и по 15 кастинзи, а понекогаш само пет. Инаку нормално е да имаме по осум. Нашата работа не е лесна, мора да се помине и тој дел, јас сум навикната.“
Валери Кауфман
„Започнав да се занимавам со оваа професија мошне случајно и воопшто не бев серизона, но подоцна како минуваше времето почна да ми се допаѓа. Првите кастинзи ги мразев, а сега веќе се познаваме сите меѓу себе, така да навикнавме. Понекогаш се случува да имам навистина специфични кастинзи. Многу ми се допаѓаат подароците кои ги добиваме тука. Оваа сезона хит ми е маскарата на Живанши и сјајот за усни на Диор.“
Зен Севастјанова
За кастинзите се подготвувам, со малку истегнување, пијам чаша лимон со вода за да го исчистам организмот, потоа следува топол туш, серум за коса, ревитализирачки крем за тело и лице, малку коректор и руменило и толку. На кастинзите избегнувам да носам црна облека, бидејќи тоа е тенденција скоро на сите кастинзи. Најважно ми е да им ја покажам мојата личност на директорите, онаква каква сум јас природно и приватно, бидејќи мислам дека тие воопшто не ја гледаат облеката и шминката.“
Стефи
„Ја одбрав оваа професија бидејќи никогаш деновите не ви се исполнети со истите обврски, секогаш се случува нешто ново. Ги сакам модните недели, особено поради дружбите. Париз е мојот омилен град, а Њујорк пак е метропола која ми ја враќа енергијата и ми го буди духот. Навистина сум нетрпелива, едвај чекам да почне модното лудило.“