Британската дизајнерка Стела Мекартни ги креираше униформите за Олимпијадата во Лондон пред две години и таа заврши толку добра работа што националниот тим реши повторно да се повика на нејзините дизајнерски услуги. Според информациите кои во јавноста ги пласираше списанието The Mirror, Мекартни повторно ќе соработува со брендот за спортска облека Адидас, со кој работи од 2001-та година и ќе ги креира униформите за Олимпијада која треба да се одржи во 2016 година во Рио де Жанеиро, Бразил.
Во 2012 година дизајнерката облече околу 900 британски олимпијци и параолимпијци. Нивните униформи беа креирани не само да изгледаат добро, туку беа и мошне стимулативни и ја нагласија ефикасноста на спортистите во различни дисциплини.
На униформите се наоѓа британското знаме, Јунион Џек, во разни нијанси на сина боја, додека црвената боја од знамето е искористена по рабовите околу вратот, ракавите и на патиките.
„Кога почнав да размислувам ми дојдоа навистина луди идеи. Сакав униформите да бидат во сјајни метални и неон нијанси, но кога размислив подобро, сметам дека употребата на такви бои би била срамна за британската нација и останав доследна на мојата насока, која во суштина е мошне едноставна“, вели дизајнерката.