Трајче Георгиев: Бруно Марс ми е омилен пејач!

19 март 2015

На отворањето на новиот салон на модната куќа Елена Лука во Струмица вчеравечер се појави и новата ѕвезда во градот, 13 – годишниот Трајче Георгиев кој ги руши сите рекорди во музичкото шоу „Ѕвездичките на Пинк“.

Неговите изведби во шоуто на Youtube имаат и повеќе од милион прегледи, а за многу кратко време тој стана еден од милениците не само на Македонија, туку и на целиот Балкан.

Неодамна, тој гостуваше и на концертот во Сава Центар на еден од најдобрите балкански пејачи Тони Цетински, каде ја крена публиката на нозе со неговите изведби.

„На концертот кај него си поминав многу убаво, тој ме покани да гостувам и одлично беше“, вели Трајче.

Како што и очекувавме, вчеравечер во Струмица имавме чест да се запознаеме со едно скромно момченце кое сосема срамежливо ни одговори на неколку прашања поврзани со шоуто и што тој очекува од „Ѕвездичките на Пинк“.

Од првиот момент кога се појави на аудицијата за шоуто, тој ги освои симпатиите на публиката со фантастичната „Зошто отиде“ од нашата музичка легенда Тоше Проески, по што сосема беше сигурно дека го очекува светла иднина.

Токму тогаш, Балканот во него препозна едно исклучително талентирано момче со глас каков што никој нема слушнато одамна, со глас кој целосно ве обзема и ве прави зависни.

Денеска, тој е на прагот од шестиот круг во шоуто, во кое повеќе од сигурно е дека е еден од фаворитите.

Трајче заедно со семејството и Елена Пандева на отворањето на салонот Елена Лука Трајче заедно со семејството и Елена Пандева на отворањето на салонот Елена Лука во Струмица

Тој накратко ни раскажа дека во шоуто му оди одлично и дека сега откако го поминал и петтиот круг, ќе се снима и шестиот, па секако дека би сакал да постигне позитивни резултати.

„Во шоуто ме прифатија супер, се дружам и со децата и со жирито постојано. Секако дека посакувам да влезам и во финалето, но ќе видиме што ќе се случи понатаму“, вели Трајче за Fashionel.

На прашањето кој е неговиот омилен пејач, тој ќе каже дека тоа е дефинитивно Бруно Марс, но ги обожава и песните на Тони Цетински и Жељко Јоксимовиќ.

Ние не можевме, а да не го прашаме дали има некоја симпатија од шоуто, на што тој неверојатно шармантно ни одговори дека нема да зборува за тоа!

Доколку сте имале можност да погледнете некоја од епизодите на емисијата, веројатно сте ги забележале и интересните комбинации што Трајче умее да ги направи.

„Пред сѐ, би сакал да кажам дека Имиџ М ми беа први спонзори од Струмица каде и се облекував за шоуто, а во нивните комбинации продолжив да се појавувам и понатаму“, вели Трајче.

Ние му ја посакуваме сета среќа на светот да успее да влезе во финалето и секако, сосема заслужено и да победи на шоуто во што верува цела Македонија.

А веруваме дека токму тоа и ќе се случи бидејќи покрај неговиот исклучителен глас, тој е едно скромно и неверојатно воспитано и интелигентно младо момче чија појава целосно ве смирува и прави да мислите единствено на позитивни работи!

Со среќа!

Објавено:
19 март 2015
Категорија: 
Актуел