Вествуд во улога на модел во кампањата за есен-зима 2014/15

25 јули 2014

Креативноста што ја поседува британската дизајнерка Вивиен Вествуд може да се согледа во повеќе сегменти на нејзиното модно творештво. Кај неа не е впечатлива и театрална само облеката, туку и модните додатоци.

На задоволство на сите, во етерот конечно се појави рекламната кампања за есен-зима 2014/15 на авангардната британска дизајнерка, позната како „панк кралица“ во модната индустрија. Се чини дека Вествуд и овој пат не ја вложи својата енергија залудно и реши да промовира една поинаква фотографска модна приказна. Верувале или не, главните протагонисти во најновата кампања се самата Вествуд, нејзиниот сопруг, кој е и нејзин поранешен студент, Андреас Кронталер и нејзината муза, која воедно е и актерка, уметник и писателка, единствената Стела Шнабел.

Кампањата ги претставува моделите од последните три колекции на Вествуд. Вивиен, Стела и Андреас позираат во парчиња облека и модни додатоци од трите последни колекции „Vivienne Westwood Gold“, „Red Label“ и „MAN collections“. Приказната е фотографирана во спалната соба на Вествуд и Кронталер во нивниот дом кој се наоѓа во јужен Лондон.

Фотографските кадри ги улови познатиот фотограф Јирген Телер кој остана доследен на својот стил и успешно ги вклопи бунтовничкиот дух, темпераментот и провокативните вибрации на сите тројца карактери во фотографски рамки за кои не се потребни зборови.

Објавено:
25 јули 2014
Категорија: 
Актуел