Вториот ден на Скопски моден фестивал во знакот на студентите и нивната визија за иднината на домашниот моден дизајн

1 октомври 2023

Вториот ден на Скопскиот моден фестивал, на распоредот беа две модни ревии: беше презентирана свечена колекција на етикетата Bianka Sposa и заедничка модна ревија на единаесет студенти по моден дизајн на Меѓународниот Балкански универзитет Скопје.

Вечерта беше отворена со модна ревија на која фокусот беше на свечените тоалети, изработени од светкави материјали, во варијации на различни силуети и должини. Користена е широка палета на бои која вклучува од посмели интензивни нијанси, до смирени и неутрални тонови. Дизајнот е акцентиран преку детали како пердуви, флорални мотиви и мониста кои ја финишираат неговата целина.

Студентите од Меѓународниот Балкански универзитет Скопје ја презентираа својата визија за иднината на домашниот моден дизајн, преку инвентивни креации кои интерпретираат индивидуалност, а во исто време експериментираат со модифицирање на тенденциите.

Младите идни дизајнери на публиката преку своите креациа и ја пренесоа потребата од диверзитет, својственост и карктерност. Секој дизајн имаше своја идеја и визија, специфичен по неконвенционалниот крој, структура, избор на материјали или пак неочекуван спој на дезени.

Џинсот се проткајуваше како најчесто користен материјал, но во сосема различни интерпретации, што е приказ на нивниот индивидуален пристап при осмислувње на дизајнерскиот концепт.

Третото издание на Скопскиот моден фестивал се одржува во дискотеката Pure во градскиот парк, а како главен покровител на настанот се потпишува Државна Лотарија на Македонија.

 

Објавено:
1 октомври 2023
Категорија: 
Актуел