Непосредно пред третиот роденден на босанскиот моден блог "Street Style Banja Luka by Dasha Gajic", фотографката Даша Гајиќ која стои зад блогот, ја објави кампањата „Зборовите (не) болат?!!" во која преку фотографии од уличната мода се укажува на проблемот со вербалното насилство.
Инспирацијата за оваа кампања, Гајиќ ја добила од иницијативата на американската актерка Британи Сноу, во соработка со MTV и фондацијата „Jed", насловена „Love is Louder" (Љубовта е погласна), која има за цел да покаже дека љубовта е посилна од стравот и сите негативни емоции кои не опкружуваат или на кои сме изложени против наша волја.
Со оглед на фактот дека во регионот често се зборува за физичкото, но не и за вербалното насилство, Гајиќ одлучила да го насочи вниманието на тој проблем. Голем број млади луѓе секојдневно се соочуваат со булинг или некој друг вид на насилство, најчесто во училиштето. Многумина од нив не зборуваат за тоа, бидејќи во нашиот регион тоа се уште важи за табу тема.
Како што вели и самата иницијаторка, „Зборовите (не) болат?!!", е повеќе од проект или кампања. Целта е да се создаде заедница и платформа каде отворено ќе се зборува за проблемите со вербалното насилство, говорот на омраза и булнгот.
Жртви на булинг биле и голем број познати личности, помеѓу кои и Џастин Тимберлејк и Тејлор Свифт кои важат за едни од најголемите светски ѕвезди на денешницата.