Вонсериската модна икона Ајрис Апфел во август го прослави јубилејниот, 100-ти роденден, а по тој повод месецов таа реализираше фантастична соработка со шведскиот гигант H&M.
H&M креираше специјална колекција инспирирана од животниот стил на Апфел, која комплетно е во духот на нејзиниот препознатлив имиџ, а тоа подразбира раскошен колор, разиграни дезени, еклектичен микс на ткаенини и материјали, масивни очила со впечатливи рамки, како и парчиња облека со принтови што го отсликуваат нејзиниот стил.
Гламурозно и вибрантно модно партнерство кое говори пред се за љубовта кон животот на оваа дама која стана бренд сама по себе и го промени стандардот во релацијата на модата со повозрасната публика.
Виножито од впечатливи модни дизајни се провлекува низ целата колекција, која говори преку индивидуалноста на Апфел. Земена е инспирација од умешноста за слоевито комбинирање на Апфел, што ќе ја воочите преку спојот на волуменозните виолетови наметки со карнери и панталоните во изразено жолта боја, стилски надоградени со масивен накит или пак дводелните одела во експлозија од принтови исто така впечатливо финиширан со накит што никогаш нема да остане незабележан.
Колекцијата ќе биде пуштена во продажба од 31. март.