АТАМI ја заокружува годината со нова колекција

31 декември 2014

Со примарна инспирација од  Азија преку спој на модерното со традиционалното, најновата колекција насловена JAPAN –IS на македонската етикета ATAMI & Gаya, претставува симболично заокружување на годината.  Македонските дизајнерки кои стојат зад  овој прилично нов македонски дизајнерки израз се Милена Атанасова и Милјана Атанасова, кои извесен период се присутни на македонската модна сцена со својот специфичен креативен сензибилитет од создавањето на женска облека.

Тие велат дека најновата колекција ја карактеризира перфекционизам, уметност и голема посветеност на изработката, а истата е наменета за сите модни индивидуалки што се движат надвор од конформистичка зона.  Акцентот во колекцијата е ставен на парчиња инспирирани од јапонското кимоно, но модифицирани во решенија што ги краси сензуалноста и ултра женствен сексапил.

Кратки топови, миди здолништа, фустани, макси панталони, палта со нагласена половина и тесни цигара панталони,  практични за комбинации кои варираат од дневни до вечерни варијанти. Секое парче е  специфично  само по себе, со израз кој го  краси префинет асиметричен крој и дополнително нагласен минимализам од чистите линии и впечатливи бои.

За целосна реализација на колекцијата е изработена и фотосесија во соработка со неколку искусни имиња. Фотографијата ја потпишува Мартин Саровски,  шминката е на Небојша Пешевски, додека главната интерпретација е на манекенката Мартина Ристевска. За финален ефект на комплетните изгледи, е комбиниран и накитот на Кара-арт. Во продолжение погледнете го остатокот од колекцијата Japan-is

Објавено:
31 декември 2014
Категорија: 
Колекции