Огнениот прстен во сценографската замисла на модното шоу на Роберто Кавали апсолутно ја одбележа Миланската модна недела , донесувајќи ја директно од „пеколната“ работилница на дизајнерот една од најфасцинантните и ѓаволски добрите колекции за идната зимска сезона.
Развојот на дизајнерската приказна следи точо одмерено темпо препознатливо за Кавали, почнуваќи со крзнените детали околу врат кои ја поврзуваат целата колекција, преку неизбежните животински принтови кои и покрај тоа што во изразот на овој дизајнер се секогаш нагласени, никогаш не делуваат невкусно или нападно, продолжувајќи со разресените глам-рок фустани и кулминирајќи некаде на средината од модната ревија кога зачестуваат моделите во интензивна црвена боја асоцирајќи на сцени од Божествената комедија на Данте Алигери.
Формите на фустаните се смирени, следејќи ја женската силуета и истакнувајќи го нејзиниот сексапил, во различни должини кои варираат над и под колената, додека палтата и крзнените детали додаваат волуменозност во изгледот.
Чантите се застапени во две варијанти: мини и макси, исклучитечно во црна боја со реси аплицирани со нитни кои го надополнуваат рокерскиот имиџ.