Девојката на Мик Џегер креираше елегантна колекција за Банана Републик

19 ноември 2013

Поубавата половина на единствениот Мик Џегер, прекрасната дизајнерка и модел L'Wren Scott креираше неверојатно елегантна капсулна колекција за Банана Републик. Лимитираната колекција ќе биде пуштена во продажба на 5 Декември и истата ќе биде совршен подарок за новогодишните празници.

Колекцијата вклучува вкупно 50 парчиња, облека и модни додатоци, а во истата може да се најдат навистина прекрасни коктел фустани, пенкало здолништа, јакни и палта со крзно, како и клач чантички со синџирчиња.

Дизајнерката специјално за колекцијата создаде и нејзини принтови – на неколку парчиња може да се видат прекрасни усни во неколку бои што изгледаат навистина неверојатно.

Ова е прв пат за дизајнерката да соработува со глобален моден бренд и можеме да кажеме дека соработката навистина ќе биде успешна.

Скот, која ја почна нејзината кариера како модел, има сосема успешна кариера и како моден дизајнер.

Неодамна во интервју за Сандеј Тајмс дизајнерката даде и неколку многу корисни совети.

„Секогаш носете чевли во беж боја за да ви ги издолжат нозете. Ставајте парфем на надворешноста на дланката, не на зглобот. Мене тоа навистина ми е многу поелегантно. Никогаш немојте да си дозволите да пиете од пластично шише или пак да јадете со пластична вилушка. Едноставно, тоа не е воопшто женствено“, вели Скот во интервјуто.

Објавено:
19 ноември 2013
Категорија: 
Колекции