Со ревијата на „Диор“ започна модната недела во Париз. Марија Кјури и овој пат претстави комплетна приказна. Дизајнерката за пролетната сезона се инспирираше од танцот, па токму со таков перформанс и започна модното шоу.

Според видеата достапни на социјалните медиуми и модните магазини, на пистата се одвиваше прекрасен танцов перформас, кој потоа совршено се инфилтрираше во модното дефиле. Паралелно со манекенките на писта се движеа и танчерите, притоа создавајќи хомогеност во шоуто. Тоа посебно се почувствува на крајот, кога танчарите наизменично чекореа со моделите, со што љубовта кон танцот и модата се споија и создадоа моќност, романтичност и совршен ритам.

Инаку, кореографијата е осмислена од израелскиот кореограф Шарон Ејал, а во танцот се забележуваат и елементи на класичен балет, салса, модерен танц, хип-хоп.

За магичноста на пистата и севкупниот простор придонесоа и пастелно розовите ливчиња, кои како пердуви паѓаа од плафонот.

„Сметам дека танцот и модата во денешно време се можеби и најмногу поврзани. И едните и другите се борат за слобода. За правото на говор. Од друга страна, помеѓу класичниот балет и модата секогаш постоеле сличности. Балетот, историски гледано, се обидувал некако да го обликува женското тело, да го сведе на облик кој и не му е баш природен, па во контекст на тоа и да му постави цели што ретко кое тело може да го изнесе. А модата? Модата се обидуваше да ја контролира жената и да го обликува нејзиното тело. Ние сега живееме во револуционерно време кога сè се менува, па и односот кон телото. Лично, многу ми е драго што „Диор“ е двигателот или дел од групата брендови што ја придвижуваат таа револуција“, изјави за светските медиуми Кјури зад сцената.

Што се однесува до колекцијата таа се движи помеѓу парчиња со спортска нота и оние што одишуваат со женственост. Но, заедничка им е слободата на движење. Поголемиот дел од моделите се лелеави, па и тие се движат во ритамот на чекорот. 

Од темносини, до нежни сини тонови, беж и зелени, палетата на бои ја најави уште од сега пролетта, а последниот дел од ревијата беше резервирана и за транспарентни парчиња, креации со украсни камења, блескавост со што приказната се заокружи на раскошен начин.

 

фото извор: wwd.com;  vogue.com; nowfashion.com; 

Објавено:
25 септември 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
161 пати