Долче и Габана порачуваат: Viva La Mamma!

2 март 2015

Ако модното дуо Доменико и Стефано одлучија во машката колекција да го слават семејството, во оваа женската за есен-зима 15/16, централниот фокус е нејзиното величество Мајка.

На самиот почеток, на пистата се појавија дури 11 мајки со нивните деца, што бараше комплетна опременост и зад сцената. Три модели прошетаа со нивните деца, а посебно внимание привлече и бремената Бјанка Балти, која изгледа одлично.

-Мајката е личноста што секогаш е тука за вас, таа е личноста на која секогаш можете да ѝ се јавите. Секој маж, каде и да се наоѓа има мајка – вели Стефано Габана.

Во модата што ја создаваат овие дизајнери, односно нивната модна куќа, се вклучени вечни вредности – живот, љубов, односот со самите себе и со останатите.

Покрај розите, што изобилуваа во форма на дезен, принт и свежо цвеќе, особено внимание привлекоа и креациите со аплицирани цртежи. Токму за оваа намена се искористени цртежите од внуците на Доменико. И покрај тоа што не се толку комерцијални, како на пример фустаните од тантела, волуменозните здолништа, овие креации пренесуваат уште една силна порака за врската помеѓу мајките и децата.

Инаку, розата е вклучена не само како асоцијација на мајка, или како цвеќе кое ѝ го подаруваме за 8-ми март, туку и како една од омилените сеќавања на Стефано од детството. Неговата мајка секогаш носела црвен кармин со мирис на роза, што беше доволно силна причина ист таков да применат и во шминката на ревијата и на некој начин да создадат меморија кај некоја нова генерација.

Модното дуо остана доследно на модните додатоци, па и овој пат создаде исто толку восхитувачки круни, чевли и чанти, со еден новитет, слушалки за уши.

На крајот, Долче и Габана уште еднаш ги собраа сите симпатии, не само поради убавите креации, модни додатоци, или совршената приказна, туку поради тоа што секогаш гласно кажуваат колку многу го сакаат семејството.

Погледнете ја целата колекција во продолжение:

Објавено:
2 март 2015
Категорија: 
Колекции