Џон Галијано достојно се врати на модниот престол

13 јануари 2015

Модното гуру Џон Галијано се претстави со својата прва ревија како нов креативен директор на модната куќа Мезон Мартин Марџела и тоа со колекција Висока мода. Тој е еден од најдобрите дизајнери на денешната модна сцена, а со својата автентичност е рамо до рамо со уметничкиот пристап на Александар Меквин. По скандалот кој резултираше со отказ од Диор, Галијано одби да застане на чело на модната куќа Оскар де ла Рента и токму кога помисливме дека незаменливата естетика на дизајнерот ќе биде само драгоцено минато, тој повторно како феникс се издигна од својата пепел и тоа како дел од тимот на Марџела.

Контрадикторен, но сепак функционален спој, кој донесе свежина на модните писти и тоа токму преку примарната функција на Марџела за рециклирање и деконструкција и костимографскиот гламур на Галијано. Притисокот повторно да застане на пиедесталот, резултираше со театрална колекција која се прикажа на крајот на машката модна недела во Лондон, наместо во Париз, каде е всушност неделата на Висока мода.

Како и претходно, така и сега Кејт Мос и Ана Винтур беа најголемата поддршка за модниот дизајнер и седнаа во првите редови, а најочекуваната ревија за сезоната, ја проследија и Албер Елбаз, Маноло Бланик и Кристофер Бејли. На модната писта продефилираа модели со парчиња кои се микс на деликатни кроеви со хуморот препознатлив за креациите на Марџела.  Галијано ја спои страста со Мезоновите авангардни кодови за деконструкција и теоријата на апсурдот. Во колекцијата вметна фустани под кои ѕиркаше боди со животински принт, па се до минималистичките црни одела. Од пластика до надреализам, како што се очите на фустаните и крајната креација со маска на лицето, знак на препознатливост на Марџела, додаток кој  го промовираше и  Канје Вест. Како комплетен производ, особено внимание привлече шминката кај дел од моделите која беше со драматичен предзнак.

Кога станува збор за Висока мода, се подразбира посебен процес на изработка на креациите кои се синоним за ремек дело, но сепак далеку од носливи парчиња. Исклучок од ова правило е оваа колекција, односно волуменозните одела и црвени фустани од кадифе - впечатлива колекција која не беше никакво ново откритие, но моќна приказна раскажана од Галијано, кој го врати луксузот на модната писта.

Објавено:
13 јануари 2015
Категорија: 
Колекции