Џон Галијано се враќа на модната сцена?!

30 септември 2014

Деновиве модните медиуми ги разбранува веста дека Џон Галијано е во преговори да почне да ја работи новата колекција парчиња за висока мода за брендот на Мезон Мартин Марџела. Потврда за оваа информација сè уште нема.

Џон Галијано Џон Галијано

Модниот дизајнер со потекло од Гибралтар кој во 2011 година беше отпуштен од Диор поради неговите навредливи коментари за Евреите,  допрва ќе го означи своето враќање во модната индустрија.

Дел од медиумите објавија дека Галијано е во преговори со брендот и веќе вработил неколку луѓе во своето ателје.

Имено, ова  не е прв обид на дизајнерот да се врати на модната сцена. Изминатата година, тој направи напори и презеде вистински сериозни чекори повторно да ја почувствува модната магија со  привремена работна позиција во модната куќа на Оскар де ла Рента и помагаше во подготовките за реализација на колекцијата за есен-зима 2013 година.

Неговата искрена желба за повторно да заблеска под модните рефлектори не е никаква тајна и мистерија, за што тој искрено проговори во своето интервју за францускиот весник „Le Point“ кое беше објавено во јуни годинава.

„Новиот Галијано ќе биде многу поголем и подобар во секоја смисла. Јас ја сакам мојата работа, таа ми е како терапија. Можам да скицирам до четири часот наутро и воопшто да не се уморам. Успеав да се соочам лице в лице со моите демони: лековите и алкохолот. Сега сум целосно обновен, нов и свеж и така се чувствувам најубаво“, рече дизајнерот.

Мезон Мартин Марџела - haute couture, за сезоната пролет-лето 2015 Мезон Мартин Марџела - haute couture, за сезоната пролет-лето 2015

Ова би бил навистина невообичаен потег на модната куќа Мезон Мартин Марџела, чиј основач, Мартин Марџела, во текот на својата кариера беше мошне таинствен и за првпат беше фотографиран во 2008 година.

За разлика од него, Галијано е еден од најпознатите дизајнери во светот.

Објавено:
30 септември 2014
Категорија: 
Актуел