Што да очекуваме од соработката на Џон Галијано со Мезон Мартин Марџела?

7 октомври 2014

Вчера најповиканата вест во светот на модната индустрија беше големото враќање на маестралниот креатор Џон Галијано, и тоа како креативен директор на модната куќа Мезон Мартин Марџела.

Беше прашање на време кога ексцентричниот уметник ќе се врати онаму каде што припаѓа, откако во 2011 година беше суспендиран од неговата матична куќа „Диор“ поради антисемитски и расистички навреди.

Следно се поставува прашањето: Што може да очекуваме од оваа сериозна и значања соработка која сигурно ќе донесе нови бранувања во светот на модата?

Со оглед на тоа дека Галијано дури 15 години беше креативниот мозок на престижната модна куќа „Диор“ сигурно дека со себе ќе го понесе незаменливото искуство стекнато на челната позиција на францускиот бренд, со тоа што на ова се надоврзува и креативниот набој кој веќе неколку години останува акумулиран кај дизајнерот од кој следно сите очекуваат нешто маестрално.

 

Галијано владее со „вековите“

Мезон Мартин Марџела, секогаш наоѓа начин, колку и да е чуден и неочекуван, да го „помести“ минатото во сегашноста и да создаде колекции кои носат винтиџ дух, парчиња преку кои зборува некое поинакво време на современ начин. Галијано е познат како генијален манипулатор со различните временски епохи, односно дизајнер со богат историски репертоар. Овој спој предвидува мода над временските ограничувања?

 

Секси костуми

Никој не може да му даде толку сексапилна линија на машкиот костум, како што тоа го прави Џон Галијано. Затоа со право се очекува нешто големо во тој контекст. Ќе се трансформираат ли припиените и тесни конструкции во предимензионирани форми?

 

Фантастични свечени тоалети

Целиот генијален дизајнерски опус на Галијано, највидливо се „чита“ на неговите гламурозни свечени тоалети кои секогаш ги собираат воздишките на црвениот килим. Од друга страна пак, Мезон Мартин Марџела своите изгледи за црвениот килим ги сведуваат повеќе на минимализам со впечатливи детали. Дали Галијано ќе ја „редизајнира“ идејата за класичните тоалети, останува да видиме.

 

Уметничката филозофија на шапките

Драматичните шапки беа еден од основите печати кои Галијано ги остави како сведоштво на неговите 15 години поминати во „Диор“. Неговата нова работна позиција ќе донесе и нови предизвици во дефинирањето на аксесоарите.

 

 

Објавено:
7 октомври 2014
Категорија: 
Стории