Вјеко Франетовиќ и Никица Иванчевиќ, модното дуо познато како „eNVy room“ со неколку фотографии ја најавуваат нивната нова пролетна колекција и лукбук кој допрва ќе биде објавен.
Овој пат, преку својата препознатлива естетика, ѝ одаваат ода на безвременската убавина, гламурот и женственоста. Романтичната нота претставена преку фините тантели, карнерите, цветниот принт имаат за цел да пренесат порака дека дека и покрај сегашните околности и реалност, сепак не треба да престанеме да мечтаеме.
Во новите креации прават спој на минатото и сегашноста, црпејќи од најубавите модни години , а сепак пренесувајќи ги во актуелен контекст.
Кроевите потсетуваат на естетиката од 50-тите години од минатиот век, во комбинација со детали од Викторијанската ера - високи околувратници, строгост, волуменозни ракави... Резултатот е гламурозни креации совршени за летни прослави.
Освен фустани со миди и макси должина, колекцијата вклучува и комбинезони и одела.
Интересно е што овие најавни фотографии се снимени од жабја перспектива, како симбол на состојбата на неизвесност, желбата за преземање контрола и оптимизам кој ни треба повеќе од било кога.
Од брендот најавуваат дека колекцијата во целост ќе биде претставена наскоро.
фото: Карла Јуриќ и Иве Тројановиќ