Бијонсе, Џеј Зи, Лени Кравиц, Наоми Кембел, Ким Кардашијан и секако Ријана која се најде како заштитно лице на најавната кампања, беа меѓу атрактивната листа на гости што од првиот ред го проследија модното шоу во Париз за машката линија за пролет-лето 2024 на француската куќа Луј Витон, значајна по тоа што е прва под креативно водство на Фарел Вилијамс.
Со спектакуларен концепт, деби шоуто на Фарел за Луј Витон, ја отвори Машката модна недела во Париз.
Модата и музиката испреплетени меѓусебе му дадоа автентична нишка на доживувањето. Моделите чекореа на музика продуцирана од Фарел, а изведена во живо од госпел хор, додека модната писта беше преплавена во „пиксели", односно пикселни принтови во милитари тонови заедно со препознатливиот монограм на брендот, кои веројатно ќе ја одбележат оваа прва колекција за француската модна куќа на познатиот музичар.
Урбана, „street", бунтовна – многу карактеристики од личниот имиџ на Фарел се интерпретирани во Луј Витон димензија.
Нова ера за францускиот бренд.