Карл Лагерфелд се надмина себеси. Луксузниот моден бренд „Фенди“ вчеравечер ја прослави 90-годишнината со шоу што во модната историја ќе влезе како едно од најфасцинантните.

За место на случување беше избран Рим и една од најголемите фонтани во светот, Треви. Но, она најспектакуларното доаѓа со податокот дека моделите буквално чекореа по вода.

Насловот на шоуто е „ Легенди и бајки“, а она што имаа можност да го видат присутните на ревијата е навистина магична бајка. Неговата појдовна инспиративна точка е книга со бајки од 1914 година „Источно од Сонцето и западно од Месечината“, илустрирана од данскиот уметник Кеј Нилсен. Неколку од илустрациите директно биле инспирација за конкретни, индивидуални парчиња.

-Бев во расположение од моето детство, од северните бајки. Сепак, не се работи за носталгија. Шоуто го нареков „Легенди и бајки“, затоа што колекцијата не се поврзува со секој што сака да носи ready-to-wear облека. Ова е посебна колекција за луѓе што имаат специјален начин на живот – објаснува дизајнерот, кој е креативен директор на „Фенди“, „Шанел“ и сопствениот, истоимен бренд.

За да се изведе целата замисла, тимот на „Фенди“ морал да бара дозвола од градските власти, по што им било дозволено врз водата во фонтаната да стават плексиглас платформа по која моделите ќе чекорат.

Ривијата ја отвори Кендал Џенер, која направи и невозможното да изгледа возможно. На пистата ѝ се придружи и Бела Хадид, која носеше креација која сосема потсетуваше на кралските одори од приказните.

Кога сме кај креациите, Лагерфелд и тука се надмина. Понуди навистина уметнички дела од крзно. На пример, за дел од креациите, што вклучуваат мозаик од крзно од ласица, биле потребни преку 1.200 часа работа.

-Модното шоу во Рим, на Треви фонтаната е најдобриот начин да се прослави јубилејот од 90 години на „Фенди“, како и да се изразат нашите корени и ДНК, која вклучува размена на креативност и вештина. Треви фонтаната е уникатно место и ја претставува целта на „Фенди“ во зачувување на вредностите, традициите и историското наследство, додека истовремено се гледа кон иднината  – вели челното лице на брендот, Пијетро Бекари.

Инаку, подготовките и вежбите за ревијата траеле година и пол, а за да се обезбеди фонтаната, односно да обезбеди сигурност при движењето и изведбата, вложени се преку 2.4 милиони долари.

поканата за шоуто

Во модниот свет се коментира дека ова е врвот во презентирањето на колекции, па многумина се прашуваат, што следно ќе смисли дизајнерот и каква ли ќе биде 100-годишнината на брендот.

Објавено:
8 јули 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.921 пати