Генерациски танц во кампањата на Долче и Габана

24 декември 2014

(1)

Шпанското влијание на сицилијанскaта традиција и бои, послужија како инспирација и во новата фотографска приказна на динамичното модно дуо Долче и Габана за нивната најнова рекламна кампања за сезоната пролет - лето 2015.

dolce-gabbana-06

Спојот на традиционалните италијански и шпански елементи на фотографските кадри им даде медитеранска сензуална нишка. Жените во приказната на двоецот Долче и Габана претставуваат спој на различни генерации. Симпатичните бабички и даваат една свежа нота на целата кампања, бидејќи покрај тоа што имаат улога да покажат дека остануват верни на својот елегантен стил, тие имаат задача да ги пренесат вистинските вредности и модни тајни на помладите девојки.

 

Без разлика на возраста сицилијанските жени се секогаш модерни, сензуални, гламурозни, влијателни, елегантни и неверојатно заводливи. Главната улога и во овој проект и беше доделена на музата на оваа италијанска двојка, моделот Бјанка Балти која уште еднаш ја оправда довербата и докажа дека е вистинско олицетворение на италијанската жена. Со звукот на шпанското пасодобле, ниту еден маж не и останува рамнодушен.

Топлината на сицилијанскиот остров, зачинет со шпанските есенции се рефлектира и во машката колекција. Мажите во фотографската приказна се во улога на тореадори и носат костуми инспирирани токму од оваа шпанска традиција. Хозе Марија Манзанарес е манекенот кој ја предводи толпата тореадори кои сакаат да ги инспирираат страствените жени.

Фотографските кадри се дело на Доменико Долче, додека уметнички директор и водич на целиот проект е неговиот партнер Стефано Габана. Во продолжение уживајте во видеото и фотографиите кои ќе ви ја раскажат сицилијанската бајка со шпански шмек видена низ призмата на Долче и Габана.

 

 

Објавено:
24 декември 2014
Категорија: 
Колекции