Големо финале на украинската модна недела со млади и надежни дизајнери

8 април 2014

Последниот ден од модната недела во Киев беше одличен микс на модни ревии, шоуа, презентации и по неколку предавања. Големото финале на „Модните денови“ во Киев започна со презентацијата на Саша Каневски, еден од малкуте дизајнери кој прикажа машка мода, иако е сосема одличен и во она што умее да го направи за жените.

Неговата колекција беше исполнета со креации во темни бои, остри дизајни и крути материјали – она што беше и повеќе од очигледно е дека сите парчиња од колекцијата беа многу емоционални за дизајнерот.

Колекцијата на „Иванова“ беше прикажана на официјалната локација - Olimpiyskiy Stadium, а истата беше посветена на интровертните карактери. Според тоа, ликовите на нејзините модели беа покриени со црни велови. Во колекцијата се содржеа тотално дискретни парчиња, без многу впечатливи детали, но сепак сосема урбани и шик со одредена доза на принтови, плетеници, транспарентни материјали и супер чевли.

Успехот на дизајнерката Ана К. во Лондон, Фиренца и Париз направија таа и во Киев да прикаже едно сосема атрактивно шоу – на пистата прошетаа девојки во интересни и забавни облеки како од цртан филм. Нивните коси беа обоени во розова, зелена и сина боја во комбинација со тотално колоритните и тренди парчиња на дизајнерката. Откако нејзините маички инспирирани од текстот на Сузи Менкес „Циркусот на модата“ доживеаја огромен успех во светот, таа и овојпат прикажа женствена комбинација на истите маички со плетени здолништа, фустани од џинс и забавни креации од крзно.

Брендот Jealousy создаден од мултиталентираната девојка Тану Муно, уште еднаш покажа зошто е толку позната по забавните креации прикажани на писта – овојпат, дизајнерката ни прикажа принтови со пиштол, многу транспарентни моменти, но и многу кожа која што изгледаше одлично претворена во супер тренди парчиња.

Младите украински дизајнери прикажаа одлични колекции за кои што многумина посочија дека се сосема „зрели“ како и на нивните постари колеги.

Колекцијата на талентираната Катерина Квит беше целосно посветена на Украина со детали од нивната култура, но и модни додатоци на кои јасно беше испишано името на нејзината родна земја. Нејзината колешка Кристина Мамедова на пистата во Киев прикажа супер силни женствени парчиња како модерни палта во боја на песок и комбинезони во светло сина, пастелна боја.

Кејти Тел беше единствената дизајнерка која што прикажа класични свадбени фустани, а D’Harmonique презентираше микс на етнички – инспирирана облека со спортски дух. Атељето Иса прикажа црни тоалети – од супер лесни материјали што лежерно паѓаа на женското тело.

Објавено:
8 април 2014
Категорија: 
Колекции