Лондонска модна недела 4 ден: Ботаничките градини, дигиталната технологија и темниот сексапил на пиедестал!

16 септември 2014

На претпоследниот ден од модната недела во Лондон, се претставија некои од најдобрите брендови на денешницата, меѓу кои и Том Форд, Ердем, Кристофер Кејн, Питер Пилото, Бурбери Прорсум и други. На пистата можеа да се видат навистина женствени и удобни модели, од кои повеќето беа во совршено пастелни бои. И додека колекцијата на Ердем беше олицетворение на вистинската романтична елеганција што треба да ја поседува секоја жена, онаа на одличната Роксанда Илинчиќ прикажа интересни форми на удобни парчиња во впечатливи пастелни бои.

Антонио Берарди

Иако сме навикнати од него да гледаме одлични модели што ја следат линијата на женското тело и на уникатен начин ја истакнуваат нејзината убавина, овојпат Антонио Берарди прикажа малку полежерни и забавни форми на модели полни со свежина и романса. „Живееме во време кога ни се случуваат многу тешки работи и мислам дека треба да се смириме и да дишеме длабоко. Овојпат, сакав и мојата облека да дише“, изјави Ердем пред почетокот на ревијата.

Роксанда Илинчиќ

Колекцијата на дизајнерката со српско потекло Роксанда Илинчиќ е сето она што ви треба за следната пролет, барем кога станува збор за боите. Совршените пастелни нијанси и изборот на неверојатни, висококвалитетни материјали беа претворени во уникатни здолништа, удобни комбинезони, тесни и широки фустани до колената со интересни форми од страните и креативни принтови. Голем дел од парчињата на дизајнерката беа украсени со впечатливи ремени на половината, а кај скоро сите модели можеше да се види присуството на инспирацијата од американската уметница Џулија Долт која важи за една од најкреативните.

Ердем

Оваа сезона, очигледно е дека лондонските дизајнери се „луди“ по ботаничките градини и инспирацијата од истите, па таков беше и случајот со Ердем Моралиоглу кој прикажа неверојатна пролетна колекција. „Сакав моите модели да бидат олицетворение на светлината и свежината на пролетта“, рече Ердем пред почетокот на ревијата. Очигледно, тој тоа и го постигна преку неверојатните форми на романтични здолништа, лелеави и лежерни фустани, женствени комбинации со рачно аплицирани пердуви и неверојатни цветни принтови и одлични везови поставени на прекрасните креации.

Бурбери Прорсум

Кристофер Бејли на пистата во Лондон вчера прикажа една сосема поинаква, нежна, женствена колекција што беше вистинско олицетворение на удобна и забавна пролет. Боите во целата колекција беа неверојатно свежи и пастелни, па дури и кај костимите и шеширите што ги носеа неколкуте машки модели. Во однос на материјалите, можевме да видиме многу интересни комбинации од квалитетен плисиран жоржет во комбинација со тексас јакни и патики, но и одлични транспарентни и тренди украсени здолништа и фустани со ремени на половината.

Том Форд

Голи нозе, гламурозен сексапил, „мрачна“ колекција со блескави моменти... Јасно идентификуваниот стил на жената во фантазијата на Том Форд го освои Лондон. Она што ретко го гледаме во актуелните колекции кај другите дизајнери, мини здолништата, во колекцијата на Форд се „ултиматум“! Високи шлиц отвори, транспарентни блузи, длабоки деколтеа, се’ во име на женствениот сексапил. Но, она што изненади беше самиот дизајнер, кој на крајот од ревијата се појави во издание во кое и не сме навикнати да го гледаме – џинс кошула и фармерки, нетипично за секогаш совршениот Том Форд.

Питер Пилото

Психоделични, геометриски, флорални, фолклорни – фузија од принтови во модната замисла за идната летна сезона на дизајнерското дуо кое стои зад брендот Питер Пилото. За сметка на „креативното лудило“ од принтови, кроевите се сведени на едноставност и минимализам, преку асиметричните здолништа, кратките топови, волуменозните палта и елеци како и високострукираните панталони со благ ѕвонест пад. Технички брилијантна колекција која ветува иднина за 3Д принтовите.

Кристофер Кејн

Спој на текстури и дезени, кои повремено преминуваат во волуменозни форми од неколку слоеви на тул, па патоа се смируваат во елегантни свилени здолништа – Кристофер Кејн во својата летна колекција за идната сезона направи ретроспективно навраќање кон своите најрани идеи од креаторската кариера. Монохроматските комбинации во приоритетна темно црвена, црна и бела боја се разиграни со релјефни текстури со комбинации на материјали кои варираат од лесни и транспарентни до кожа и тантела.

Објавено:
16 септември 2014
Категорија: 
Колекции