Гучи претстави женска мода за мажи, Армани воодушеви!

20 јануари 2015

Новиот и млад тим што засега го зазема местото на поранешната креативна директорка на Гучи, Фрида Џанини конечно ја прикажа новата машка колекција за сезоната есен – зима 2015 на машката модна недела во Милано.

Тие воопшто не губеле време за целосно да го сменат изгледот на парчињата по кои е познат брендот, претставувајќи една сосема поинаква, бунтовничка и неверојатно амбициозна колекција со поинаков сексапил и по малку романтични моменти.

Gucci

Парчињата, за прв пат во историјата не беа олицетворение на италијанската маестралност во кроењето и стилот, туку едноставно, на една нова, урбана мода за мажи во која дизајнерскиот тим вклучи помалку женски моменти како тантела, транспарентни свилени кошули, ретро јаки со фалти, крзнени парчиња и панделки во пределот на заврзување кај кошулите.

Gucci

Младиот дизајнерски тим предводен од главниот дизајнер за модни додатоци во брендот Алесандро Мишел, оваа колекција ја подготви за неверојатни пет дена, откако поранешната креативна директорка Џанини го напушти нејзиното место многу порано одошто се очекуваше.

Gucci

Андрогената колекција на брендот за која следуваше солиден аплауз, беше целосно посветена на француската република благодарение на многубројните баретки комбинирани во машките, но и во неколкуте женски стајлинзи со кои тимот сакаше да им оддаде почит на некои од најголемите француски артисти.

Gucci

Во првата колекција по Фрида Џанини, тимот нови дизајнери понуди ретро панталони во неутрални бои комбинирани со свилени кошулки и плетени елечиња, потоа многу тантела врз која тие комбинираа џемпери во нежни бои, доволно пруги и принтови, но и по некоја бунда која мажите ја носеа врз нивните тантелни кошулки.

Gucci

И тука воопшто не смееме да заборавиме дека и Фрида понекогаш обожуваше да лансира по некоја бунда и крзнени детали за „нејзините“ Гучи мажи, но се чини таа тоа знаеше да го направи на вистински „машки“ начин. Иако голем дел од парчињата на новата колекција на Гучи по Фрида, дефинитивно се за почит како почеток на едно ново, урбано поглавје на брендот малку подалеку од нивните корени, сепак ние не сакаме да ги гледаме нашите мажи следната есен во тантелни блузички!

Gucci

Иако и во колекцијата на Емпорио Армани видовме по некоја тесна и куса кожена јакничка за мажи, таа целосно беше синоним за силниот и борбен маж во кој ние сме вљубени.

Како што и самиот дизајнер посочи, парчињата во оваа колекција воопшто не се агресивни, тотално во нови и редефинирани чисти форми, но и вистински синоним за гордите и бестрашни мажи на денешницата.

Emporio Armani

Палетата на бои беше типична Армани, претставувајќи на пистата парчиња во темно сиви, црни и кафени нијанси прикажани преку урбани машки волнени капути, дебелите џемпери и шалови, но и фантастичните сиви костими кои момците на пистата ги направија уште попривлечни.

Emporio Armani

Еден од највпечатливите детали дефинитивно беа впечатливите патенти кои беа поставени на кратките кожени јакни, на волнените куси џемпери, како и одличните крзнени додатоци кои мажите ги носеа како шал околу вратот.

Emporio Armani

Џорџо Армани појасни дека целата инспирација за колекцијата ја добил од јапонските калиграфи од кои многу често знае да каже дека е воодушевен.

Emporio Armani

Што се однесува до модните додатоци, Армани претстави линија на интересни аксесоари како зимски капи во неколку бои, кожени чанти и ранци, кожени ракавици, очила за сонце и неверојатно добри чевли.

Emporio Armani

Доколку ние се прашуваме, Армани е неприкосновениот победник од досегашните колекции прикажани на миланската модна недела!

Објавено:
20 јануари 2015
Категорија: 
Колекции