H&M ќе ја лансира новата Conscious Denim колекција

17 септември 2014

На втори октомври шведскиот моден бренд H&M ќе ја лансира својата најнова џинс колекција, едноставно насловена „Conscious Denim“. Линијата е олицетворение на едноставни кроеви, чисти линии во поглед на дизајнот, комбинација на еколошко - пријатни материјали со неверојатен моден сензибилитет. Колекцијата вклучува парчиња облека за жени, мажи и деца и ќе биде достапна во преку 1000 продавници за жени и 700 продавници за мажи ширум светот, но за сите вас кои го сакате онлајн шопингот, линијата ќе може да ја купите и на интернет.

„Навистина сме многу возбудени по повод лансирањето на новата „Conscious Denim“ колекција. Работевме напорно за оваа линија да биде комплетно во насока на намалување на штетните процеси при одржување на материјалите и загадување на животната средина. Затоа користевме исклучиво еко материјали. Одличен спој кој ќе биде во согласност со сечиј стил, огромен избор на парчиња и флексибилност во однос на негата на самите модели“, вели во официјалното обраќање до медиумите Елен Хелмерсон.

Резултатот е колекција која изобилува со модерни парчиња во ултра тренди индиго боја. Женските парчиња се комплетно во духот на сезонските тенденции и вклучуваат фармерки со висок и со низок струк, тесни цигара дизајни, но и популарните „boyfriend“ модели, како и џинс комбинезони. Мошне актуелни се и моделите на тексас јакни изработени главно од еколошки ткаенини.

Машката линија парчиња е слична со моделите од женската, трендовска, урбана и модерна. Тексас јакната и овде е неизбежна, класичниот дизајн на фармерки е во фокусот, едноставните џемпери и долгите капути со класичен крој сите во длабок индиго тон се одлична завршница за комплетно урбан машки изглед.

Детската колекција нуди различни стилови, вклучувајќи фармерки, јакни, кошули, комбинезони и маички повторно во индиго нијанса.

Во создавањето на „Conscious Denim“ колекцијата, H&M ги користеа критериумите од шпанските џинс консултанти „Jeanologia“, за да создадат линија креирана главно од еколошки, издржливи и пријатни материјали, и со тоа да постигнат високо ниво на свест за зачувување на животната средина.

Објавено:
17 септември 2014
Категорија: 
Колекции