Шведскиот моден гигант ја најави новата Conscious колекција со кампања во која главната улога и припадна на прекрасната актерка Оливија Вајлд.
„Одржливоста е една од моите најголеми страсти. Многу сум горда што сум одбрана да бидам лице на H & M Conscious Exclusive колекцијата која ја покажува сета убавина на одржливоста“, изјави актерката.
Со оваа колекција, брендот им оддава почит на деталите, принтовите и кројот инспирирани од африканската, индиската и азијската култура.
Менаџерката на проектот Ен Софи Јохансон посочи дека изгледот на сите парчиња од колекцијата ќе биде фантастичен, бидејќи се работи за модели полни со карактер и со најубави принтови.
„Сите парчиња облека и модни додатоци се изработени од материјал како што е органска свила, органски памук, лен, рециклиран полиестер и Conscious кожа. Колекцијата е најновата фаза на брендот во долгорочната обврска кон веќе одржливата мода“, изјави Јохансон.
На втори октомври годинава H&M ја лансираше својата најнова џинс колекција, едноставно насловена „Conscious Denim“. Во создавањето на оваа колекција, брендот ги користеше критериумите од шпанските џинс консултанти „Jeanologia“, за да создадат линија креирана главно од еколошки, издржливи и пријатни материјали, и со тоа да постигнат високо ниво на свест за зачувување на животната средина.
Новата одржлива колекција на брендот ќе биде лансирана во околу 200 нивни продавници ширум светот и онлајн на 16 – ти април.
Првата Conscious колекција на шведскиот бренд H & M беше лансирана во 2011 – тата година и истата беше распродадена за многу кратко време!