Имате јакни од 80-тите од вашите мајки? Сега е време да ги извадите!

20 февруари 2020

Миланската модна недела започна вчера, а меѓу првите се претстави дизајнерката Алберта Ферети. Нејзината зимска колекција опфаќа комбинации најчесто во сиви тонови, со кои нема да останете во „сивата зона“, туку можете и тоа како да се истакнете.

Она што е уште повпечатливо е доминацијата на стилот од 80-тите. Широки јакни и мантили со нагласени раменици се естетиката која Ферети ја става во преден план, заедно со кожата како материјал.

Тие се во комбинација со панталони, кои исто така имаат широк крој и фалти, односно набори, а јакните добиваат и ремен, но тенок, а впечатлив.

Ферети во новата колекција претстави и неколку совршени карирани одела, како и комбинации со џемпери и панталони, во комбинација со марами и капи, но и околувратник во викторијански стил, што дава доза на романтичност по која ѝ е препознатлива. 

А кога сме кај романтичноста, останувајќи доследна на себе, претстави и неколку креации со карнери во интензивни нијанси, што беа како контраст на доминантната „тешка“ зимска естетика.

И последниот дел од колекцијата завршува во тој стил, со свечени фустани кои се комбинација од карнери, сива боја, металик сјај, сето она што ги обединува сите креации, барем кога се трендовите во прашање.

 

Во продолжение погледнете ја целата колекција:

Објавено:
20 февруари 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.653 пати