Модниот свет комплетно е фокусиран на актуелната модна недела во Милано. Вчерашниот, втор ден го одбележаа неколку модни куќи.
Трендовите за есен-зима 2016/17 ги претставија „Прада“, „Москино“, „Фенди“ и „Макс Мара“, а најдоброто од нивните колекции следи во продолжение:
Прада
Модните инсајдери велат дека вчеравечер модната куќа „Прада“ се врати со голем стил. Ревијата ја отвори морнарско син капут, во комбинација со бела кошула и „половичен“ околувратник. Посебно внимание привлекоа нагласената половина со корсет во викторијански стил и дебелите волнени чорапи со ромбови, модни додатоци што се провлекуваат низ целата колекција. Дел од комбинациите вклучуваа и класични бели морнарски капчиња, што беше изненадување.
„Прада“ понуди и предимензионирани строги капути, но и романтични цветни фустани со карнери, јакни со ¾ ракави, брокатни здолништа, фустани од кадифе. Принтовите присутни во колекцијата се дело на уметникот Кристоф Шема, кој и претходно беше еден од соработниците на куќата. Всушност, моќта на колекцијата лежи во деталите, кои дефинитивно доминираат и во начинот на кој комбинациите се стилизирани.
И покрај тоа што неколку сезони беше во сенка, Миуча Прада успеа брендот да го „врати“ во полн сјај.
Фенди
Кога е „Фенди“ во прашање, најомилени се модните, најчесто крзнени додатоци, со потпис на модната куќа. И доколку кажете дека во колекцијата за следната зима доминираат карнерите, Лагерфелд веднаш би ве прекорил, потенцирајќи дека тоа се бранови. Епа, токму со тие бранови тој си поигрува во сите делови од колекција – од парчињата, преку модните додатоци до обувките.
Кога е палетата на бои во прашање, „Фенди“ најчесто користи темни бои. Тие беа присутни и овој пат, но не може а да не се забележи присуството на други живи и пастелни нијанси што на колекцијата ѝ даваат нота на разиграност. Повеќето од високите чизми се во тиркизна, интензивно сина, жолта или боја на праска.
Силуетата на креациите, особено во првиот дел од ревиите се многу блиски до оние од 1960-тите. Но, колекциите на оваа модна куќа ќе ги препознаете најлесно по крзното. Тоа беше неизоставен дел и овој пат, но дури и тоа беше разиграно во повеќе бои.
Присутни се волуменозни капути и брокатни креации, повторно во комбинација со крзно. Дали новото расположение на Лагерфелд (кое нас ни се допаѓа) ќе му донесе профит и доминација на модната сцена следната есен-зима сезона, останува да видиме.
Москино
Џереми Скот сосема изненади со вчерашната ревија. Немаше директни референци од поп-културата. Немаше Барбики, лижавчиња, пуканки, но затоа најновата колекција на „Москино“ изобилуваше со рок елементи.
Кожата, патентите, рокерските капчиња се нешто што доминираше, особено во првиот дел од колекцијата. Но, тука не застанаа изненадувањата. Инспириран од огновите на суетата, Скот создаде креации од материјали навидум изгорени. Колекцијата содржеше референца и на некогашните бои на „Малборо“ цигарите и пораката „Пушењето убава“. Во интерпретацијата на Џереми пораката е „Модата убива“.
Но, она што најмногу го привлече вниманието на сите беше секако креацијата со кристалниот лустер. Со тоа дизајнерот покажа дека иако знае да изненади и со посмирен тон, тој сепак ќе остане доследен на неговото „креативно лудило“. И покрај бројните изненадувања, многумина коментираат дека Џереми и „Москино“ повторно погодија во центарот.
Макс Мара
Во морето предимензионирани парчиња, модната куќа „Макс Мара“ остана доследна на регуларните пропорции. Тема на колекцијата се „Баухаус“ од 1920-тите, како и микс од уметници, дизајнери, режисери значајни за периодот на Конструктивизмот, Дадаизмот, како и Модерна во Германија, Русија и Украина, просторот меѓу двете светски војни, исполнет со слободна мисла и креативност.
Модните инсајдери за најновата колекција на брендот велат дека содржи класични, дури и радикални модни парчиња, што многумина ги доживуваат и како досадни. Но, вметнувањето на колор-блок детали и крзно во интензивни бои е нешто ново и разиграно од модната куќа.