Модната недела во Милано е пред самиот крај, а вчерашниот ден го одбележа секако шоуто на модното дуо Доменико Долче и Стефано Габана.

Како и секогаш, сите очи беа вперени во нив и сите очекуваа да видат што ново ќе понуди оваа модна куќа.

За сезона пролет-лето 2017 дизајнерите не создадоа ништо посебно ново. Повеќе личеше на ретроспектива на веќе презентираните трендови од минатите сезони, со по некое ново парче или детаљ.

Но, тоа не значи дека нивното шоу не беше добро. Со натпис „Тропикo Италијанo“, палмите и кокосите, тие во овие есенски денови успеаја да ја вратат/однесат публиката некој месец наназад, или нанапред, како сакате.

Инспирацијата секако беше Италија, па сосема јасни беа креациите со принт-шпатеги, или фустаните што личеа на опаковка на познатите италијански сосови.

Иако се едни меѓу пионерите за користење на моќта на социјалните мрежи и технологијата во модната презентација, сепак овој пат одлучија да се потсетат како изгледа класично модно шоу.

Затоа, по уличните танчари што се појавија на самиот почеток на шоуто, започна дефилето на креации, со манекенки кои се пресоблекуваа и ги презентираа моделите без широки насмевки и други гестикулации, што на пример во некои претходни шоу-а на оваа модна куќа беше застапено.

Покрај веќе познатите креации од тантела и цветните мотиви, како и богатите круни и модни додатоци, впечатливи беа креациите и модните додатоци инспирирани од италијанската музика, а она што може да се толкува како новитет во оваа колекција се кратките дресови, и маиците со логото на куќата.

За крајното дефиле на шоуто, што е веќе традиција, сите манекенки облекоа такви маици, со што двојката сакаше да порача дека се приклучуваат кон актуелниот ретро-тренд, но воедно и ироничен став или издвојување од бројните копии на пазарот.  

Имајќи ја предвид популарноста која ја уживаат отсекогаш, а посебно последниве неколку години со прикажување на серијалот ревии инспирирани од сѐ она што значи Италија, со оваа ревија двојката покажа дека не планира наскоро да ја смени естетиката, која очигледно им носи одлична заработувачка.

Иако сѐ уште се воодушевуваме на парчињата и мајсторството на двајцата дизајнери да направат шоу, сепак желни сме да ја видиме новата страница во творештвото на модното дуо.

Објавено:
26 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
621 пати