Футуризмот е мода. Модата е архитектура. Архитектурата е уметност. Уметноста е иднината! Иднината е сега. Сега е есен-зима 2015/16. Вака гласи мотото на колекцијата на Јована Филиповиќ што ја претстави вчеравечер во „Музеј на Македонија“, а во рамки на 12-тото издание на Моден викенд Скопје.

Доследна на својата минималистичка естетика, Филиповиќ претстави едноставни, но софистицирани парчиња.

-Инспирацијата потекнува од архитектурата. Нео футуризмот. Минимализмот. Чистотата на дизајните на нео футуристичките архитекти ја претставив преку колекцијата која е „предвесник на некое идно време.“ Време кое допрва треба да дојде. Време на утопија – ни објасни дизајнерката.

Таа и овој пат остана верна на употребата на природни материјали, што е дел од нејзината препознатливост. Волна, памук, кашмир се ткаенините од кои беа изработени парчињата со чист и едноставен крој, надополнети со рачно изработени детали и модни додатоци.

Ги видовме и панталоните-тренерки, светски тренд, што го видовме и во последната колекција на Шанел на пример. А кога сме кај Шанел, дел од ткаенините што ги употреби Филиповиќ нè потсетија на овој бренд. Сепак, начинот на кој таа ги имплементира во својата колекција е поинаков. 

Токму тие волнени ткаенини со богата текстура и повеќе нијанси им контрираа на едноставните парчиња во монохроматски нијанси и внесоа и нота на луксузност и свеченост.

Јована потенцираше и на тоа дека колекцијата е посветена на жената на 21 век.

-Мојата таргет група е жената на иднината. Жена која веќе има изграден стил, вкус и начин на облекување. Таа не се плаши да облече „обични“ парчиња облека, затоа што е доволно свесна за своето постоење и за тоа што е.

Оваа колекција веќе ја доживеа својата промоција надвор од Македонија, а за тоа зошто повторно се одлучи Моден викенд да биде настанот на кој ќе ја претстави колекцијата пред домашната публика, Филиповиќ вели:

-Затоа што е единствен настан од овој тип во Македонија. Сметам дека треба да учествуваме и со тоа воедно да се поддржуваме сите од овој мал но значаен круг на модата во Македонија. Тоа е единствениот начин да стигнеме до поголем успех на нашите простори а и надвор. Затоа што заедно сме посилни! – порачува дизајнерката.

После Македонија, колекцијата ќе патува и за Швајцарија.

-Во Март годинава ја презентирав на Paris Fashion Weekкако дел од BENEXT Showroom а веќе следниот месец, во Април во Shanghai, како дел од Alter Showroom на Shanghai Fashion Week. После ревијата на Моден Викенд Скопје дел од колекцијата ке биде на продажба на SKP PopUp Store во Швајцарија – ни откри Јована.

Објавено:
24 октомври 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.048 пати