Последниот дел од модната недела во Милано е утре, по што модниот свет се сели во најстарата модна метропола, Париз. Покрај тоа што во главниот град на Франција ќе пристигнат дел од најпрестижните дизајнерски имиња, уредници, блогери, фотографи, модното лудило во Париз ќе има можност да го почувствува и нашата дизајнерка Јована Филиповиќ, која заедно со други млади дизајнери ќе се претстави во рамки на BE NEXT Paris.
- BE NEXT Paris, претставува showroom (изложбен простор), кој се случува два пати годишно за време на Paris Fashion Week. Целта на настанот е да презентира млади, надежни дизајнери од целиот свет пред таканаречените “fashion buyers”, значајни личности од Париз, VIP луѓе, претставници од светски познатите магазини и сл. Овој тип на претставување е многу важен дел од работата и презентацијата на секој дизајнер, затоа што овозможува директен контакт со купувачите, медиумите, сопствениците на дизајнерските продавници и дава поголеми можности за пласирање на странскиот пазар. Организиран од од страна на Софија Чконија, активистка, и позната личност во модниот свет во Париз, која веќе неколку години активно промовира и им помага на младите дизјанери. Има соработувано со многу познати личности од модниот свет меѓу кои Ерве Леже, Жан Пол Гуд, Рик Овенс, Пјер Берж итн – објаснува Филиповиќ.
Инаку, Јована таму ќе ја презентира колекцијата за есен-зима 15/16, за која црпи инспирација од архитектурата, а за брзо време ќе ја претстави и пред домашната публика.