Во пресрет на десеттото јубилејно издание на Модниот викенд Скопје кое е закажано од 23. до 27. октомври, ги посетивме креативните работилници на дел од дизајнерите кои годинава ја сочинуваат листата на учесници со цел пред официјалниот настан да дознаеме што може да очекуваме од нивните нови колекции. Дваесетина дизајнери и модни куќи пред македонската публика ќе ги презентираат своите дизајнерски перцепции за тенденциите за актуелната сезона есен-зима 2014/15, но дел од нив паралелно ќе чекорат со темпото кое го диктира глобалната модна индустрија и ќе ги промовираат своите линии за пролет-лето 2015.
Годинава покрај редовните учесници на настанот, ќе видиме и неколку премиерни претставувања на млади дизајнери и модни куќи и токму поради тоа јубилејното издание на Моден викенд Скопје е во знакот на младите креативци.
Ирина Тошева направи модна интерпретација на животинскиот свет
По шести пат младата дизајнерка Ирина Тошева својата најнова дизајнерска замисла за тековната сезона есен-зима 2014/15 ќе ја прикаже на претстојното издание на модниот викенд во Скопје. Доследна на својот сензибилитет, Тошева и овој пат ќе се задржи на водечкиот темперамент на колекциите со нагласен младешки дух. Како што вели таа, креациите ќе рефлектираат инспирација од природата и животните пренесена преку урбани парчиња како за дневен така и за вечерен изглед.
- Зебрата како симбол на индивидуалност е водечката инспирација. Колекцијата е наменета за оние кои се во постојано движење и имаат желба да се разликуваат од околината. Токму тие умеат да ги слушнат своите инстинкти и да изгледаат онака како што се доживуваат одвнатре. Удобноста, минимализмот и младешкиот дух по кои најчесто се дефинира мојот пристап кон модниот дизајн, ќе бидат дел и од новата колекција, објаснува Ирина.
Како за претходните колекции така и најновата, таа покрај женски модели ќе ја презентира и својата идеја од создавање на машки креации, следејќи ја истата тематика од моделите за понежниот пол. За разлика од колоритноста за колекцијата пролет-лето со која се претстави минатата сезона од модниот викенд, за оваа колекција вели дека се концентрирала кон спротивната страна од спектарот.
-По шаренилото од минатата сезона овој пат се „ограничив“ на неколку бои: сиво, тегет, зелено и розово. Акцентите се бели. Строгиот крој и тешките ткаенини како сомотот и волната ќе бидат водечките елементи во новата колекција, вели Ирина.
Инаку, вчеравечер премиерно пред српската публика во Нови Сад во рамките на „Србија Моден Викенд“, Ирина Тошева се претстави со својата најнова модна идеја, а вечерта покрај за ревијата на нашата дизајнерка беше резервирана и за српскиот дизајнер Младен Барон.
Оливера Штакоска ќе ја отплете својата „Волнена приказна“ на Модниот викенд Скопје
Младата и шармантна дизајнерка која што остави голем впечаток на изминатото издание на Моден викенд Скопје, Оливера Штакоска, овој пат ги изненадува своите обожавателки со нова „Волнена приказна“.
„Мојата нова колекцијата е насловена „Woolen Story“ и истата ќе биде презентирана во рамките на Модниот викенд Скопје. Во неа преовладуваат пред сѐ земјени тонови – зелена боја, кафено – црвени нијанси, окер...“, ја опишува колекцијата дизајнерката.
Штакоска појаснува дека волната всушност била и водечка инспирација за целата колекција, а од истата се изработени и најголемиот дел од моделите.
Лидија Георгиева – Интригантна колекција со мистичен наслов „The Colonial Spices Collection“
Македонската дизајнерка Лидија Георгиева на претстојниот Моден викенд Скопје, ќе ја претстави својата нова колекција со интересен наслов „The Colonial Spices Collection“. Инспирирана од фантастичните бои и мириси од британските и француските колонии во Азија, колекцијата е помеѓу две сезони.
„Лежерни капути од мохер во нежни и меки материи, со суптилна рачна изработка и богат вез, се носат со свилени фустани од муслин, сатен и тантела, а линијата е нагласена со декоративни помпони и гајтани“, ги опишува парчињата дизајнерката.
Георгиева посочува дека колекцијата е судир на европската и источната култура, зачинет со егзотичната моќ на шафран, куркума, кари и ѓумбир, во амбиент на декаденција на 20 - тите години од минатиот век.
„Во колекцијата се провлекува сугестија на Бомбај и Шангај и дискретна нота на рокенрол, својствен на стилот на брендот“, посочува Георгиева за fashionel.mk.
Дивата страна на Јована Филиповиќ
И младата дизајнерка Јована Филиповиќ ќе биде дел од претстојното издание на Моден викенд Скопје. Колекцијата за есен-зима 2014/15 ќе го носи насловот „, `Where the wild things are` и ќе биде во знакот на сафари шикот.
-Оваа колекција одлучив да ја претставам преку ревија во рамките на FWSK, на 23ти октомври, во Мала Станица. Драго ми е што токму таму ке ја претставам колекцијата, затоа што пред точно 10 сезони, Мала Станица беше просторот каде што преку модна инсталација ја презентирав мојата првата колекција – вели Филиповиќ.
Таа додава дека ќе преовладуваат текстури, монохроматски бои, претставени во сафари стил. Од материјалите доминантни ќе бидат свила, кашмир, волна и крзно.
-Секогаш инсистирам да користам квалитетни материјали, што самите ќе зборуваат за колекцијата и приказната околу неа. Овој пат водечка инспирација ми беше Power couple и нивната љубовна афера, на сафари. Како што денот се претвора во ноќ, нивната љубов станува по динамична, така и колекцијата станува по строга и по елегaнтна. Мојот сензибилитет и овој пат ќе се почувствува целосно. Мислам дека уште кога ке излезе првиот модел на писта, ке се познае сензибилитетот на моето творење, и креирање. Минимализам, чисти кроеви и детали.Но, да не откривам сè, ќе имате можност да видите на 23-ти – најавува Јована.
Олгица Ѓоргиева: Комплетирајте ја вашата сложувалка
Женствена, елегантна и минималистичка, безвременска и инспиративна, силна и нежна истовремено, – така накратко дизајнерката Олгица Ѓоргиева ја опишува својата новаколекција на тема “ Complete your puzzle”.
-Насловот на колекцијата е мошне провокативен. Сите ние се обидуваме од различни аспекти да ја комплетираме сопствената сложувалка. Верувам дека секој ќе ја доживее на различен начин. Основната, водечка инспирација беше ГО Ѓоргиева Олгица - ни откри дизајнерката.
Новата колекција поддржана од Oxette ќе се прикаже на престојната модна недела во Скопје на 25. октомври, во 21ч во салонот на Порше Македонија. Како објаснува дизајнерката наменета е за девојки-жени со смисла за естетика, елеганција и модерна нота. Колекцијата ќе биде составена од секојдневни парчиња, но и елегантни свечени фустани, кои ќе прават целина и ќе ја комплетираат сложувалката.
-Мојата линија, која е препознатлива за мене, ќе биде тука. По некое непишано правило, колекцијата ќе биде поделена на два дела, посекојдневни и поелегантни парчиња, да може повеќе клиенти да се пронајдат во мојата работа. Во секој случај ќе можат да се видат елегантни, модерни парчиња кои со различни комбинации би можеле да се комбинираат за различни прилики. Во однос на боите доминантни се сината, жолтата, белата, и црната, а во поглед на материјалите одбрав да користам свила, памук, вискоза и тексас - додаде Ѓоргиева.
Интересно е да се напомене дека оваа колекција Олгица ја креираше во Париз, за време на модната недела која ја посети и имаше можност да присуствува на ревии од светски познати креатори, да посети работилници, да се запознае со дел од посетителте и изложувачите лично.
-Париската модна недела мора да се доживее, не може да се раскаже. Оваа посета претставува огромно искуство за мојата работа. Ревиите од светски карактер се одлична можност за компарација и прибирање идеи кои ќе бидат одлично освежување и инспирација, а кое се надевам ќе го пренесам до мојата публика преку новата колекција - вели Олгица за искуството на модната недела во Париз.
JZJ најавува моден перформанс инспириран од делото „Страшниот суд“
Младиот дизајнер Златко Јовановски оваа сезона ќе биде дел од програмата на FWSK и ќе се претстави со моден перформанс, во кој ќе биде вметнат неговиот препознатлив сензибилитет.
Новата колекција ќе биде составена од носливи парчиња, односно капути, зимски капи, очила за сонце, плик чанти и венчаници кои му се најголем предизвик бидејќи ги изработува за прв пат во својот живот. Од материјалите кои ќе преовладуваат се различни модели на тантела, бисери, скапоцени камења и разни украси.
-Како и за секоја така и за оваа ревија тргнав од себе, гледајќи се во огледало - инспирација и мотивација која никогаш не престанува. Како инспирацијата за она што сакам како тема и идеја да го претставам на перформансот ми помогна делото на најголемиот уметник Микенанџело “ Страшниот Суд” па затоа и перформансот го носи истото име, вели Јовановски за инспирацијата која му послужила во креирањето на колекцијата.
Премиерно претставување на модната куќа за свечени тоалети – Хера
Во февруари оваа година, на македонскиот пазар беше лансиран нов моден бренд - Хера, приказна која им е посветена на жените и нивниот елегантен стил. Препознатлив знак на модната куќа се свечените тоалети, кои ќе може да ги видиме и во премиерното претставување на Хера во рамките на Модниот викенд Скопје.
Колекцијата насловена „Rouge et noir“ (Црвено и црно) е инспирирана од мистериозната жена во една романтична вечер која на себе носи маска што ја одразува убавината, сензуалноста, но во исто време ве прави љубопитен.
Како што асоцира и насловот, во колекцијата ќе преовладуваат црвената и црната боја, а од материјалите ќе доминира кадифе, на моменти збогатено со светкави монистра.
„Црвенaта боја во исто време презентира елегантнција, љубов и страст. Ги избрав овие две бои (црна и црвена) поради нивната синхронизираност и совршеноста на нивниот взаемен однос. Деталите од кристалните монистри и пердуви сакав да ги најдам во секој фустан кои и даваат на облеката една театарска страна на една горда и силна жена, но во исто време деликатна и чуствителна “ го објаснуваат поттикот во создавањето на оваа колекција, од модната куќа.
Покрај македонските дизајнери, на претстојниот Моден викенд ќе се претастават и српските дизајнерки Марина Микановиќ и Ивана Пиља која е веќе етаблирана креаторка на глобалната модна сцена и има соработувано со имиња како Лили Ален и Сканк Ананси, и Флутора Дедиње од Приштина.
Настанот ќе го отворат дизајнерот Јован Петровски со брендови SQUIRE и Blackout и Јована Филиповиќ, со ревии во мултимедијалниот центар „Мала Станица“