Три премиерни претставувања на третиот ден од Моден викенд Скопје

26 октомври 2014

Третиот ден во рамките на Моден викенд Скопје за прв пат се промовираа три имиња на македонската модна сцена, па по тој повод оваа вечер доби предзнак: посветена на младите дизајнери и нивното запознавање со домашната публика. За прв пат, на пистата на Моден викенд Скопје свои самостојни ревии имаа дизајнерката Андриана Динева која тука го отпакува својот „Куфер“, Несрен Исмаили и Џемиле Незири кои креираат за „Хера“ и младиот Златко Јовановски кој се претставува под етикетата „JZJ“. Во вториот дел од програмата своите нови колекции ги презентираа дизајнерките кои веќе се етаблирани на домашната сцена и кои во континуитет ја користат платформата на Моден викенд Скопје за своја промоција,  Ирина Тошева и Олгица Ѓоргиева.

 

„Куфер“ „Куфер“

Младата креаторка Андриана Динева  го отпакува својот „Куфер“ полн со женственост, елеганција, ретро призвуци од времето на црно-белите филмски класици и безвременски парчиња кои секогаш остануваат во модниот ф0кус и токму затоа симболично ја наслови оваа колекција „Timeless“ .

Формите со А крој доминираа во дефинирањето на капутите, здолништата, фустаните и палтата обоени во земјени тонови, особено со неколку нијанси на кафената. Половината е нагласена, а здолништата се фалтирани и сета таа женственост е надополнета со дамски шешири, кожени ракавици и високи чизми. Интересен детаљ што перманентно се проткајуваше низ целата линија беа футуристичките, триаголни засеци кои и даваа современ израз на носталгичната, ретро експресија.

„Мојата колекција е за  девојки со изграден стил, кои би можеле да го облечат фустанот од плакар стар 30 години“  дизајнерката прецизно ја долови суштината на својата колекција.

Андриана Динева

Андриана Динева

Модната куќа за свечени тоалети „Хера“ во дефинирањето на својата линија ги следела „инстинктите“ на своите клиенти и нивните комерцијални побарувања. Дизајнерскиот и автентичен уметнички израз изостануваше на сметка на сигурните комерцијални потреби, без да се ризикува да се внесе креаторски сензибилитет. Црната и црвената боја ги поврзуваа свечените тоалети, мини здолништата и комбинезоните декорирани со светкави детали, пердуви, панделки или разресени рабови.

Колекцијата насловена „Rouge et noir“ (Црвено и црно) е инспирирана од мистериозната жена во една романтична вечер која на себе носи маска што ја одразува  сензуалноста, но во исто време ве прави љубопитен.

 

Модна куќа „Хера“ Модна куќа „Хера“

Помалку драма, а повеќе шоу, таква енергија донесе младиот  Златко Јовановски кој се потпишува зад етикетата „JZJ“  на своето прво самостојно појавување на Модниот викенд Скопје. Амбициите за неговото профилирање на дизајнерската сцена се големи, но сепак за квалитетот и издржаноста на едно авторско име најмногу зборуваат и неговите дела, што во случајов се' уште ја отсликуваат младоста и потребата од дополнително работно искуство и себевложување. . Колекцијата инспирирана од „Страшниот суд“ се равиваше преку драматичен перформанс почнувајќи со некоку капути со нагласена половина, свечени фустани украсени, но сепак недовршено аплицирани со тантела, а надополнети со тематски доработувани очила за сонце, плик чанти и зимски капи што наликуваа на турскиот фес, а венчаниците како главен предизвик беа оставени за окончување на шоуто.

„JZJ“  „JZJ“

Во своето објаснување за колекцијата, Златко кажува дека им ја посветува на ексцентриците и луѓето кои имаат потреба да се одвојат од околината, а тоа секако може да добие различни форми.

„Во мојта последна колекција ќе се пронајдат жените што сакаат да изгледаат различно и сакаат да бидат уникатни, пленат со самодоверба и високо его, така накратко би звучело кој е профилот на дамите од мојата инспиративна фаза додека се создаваат фустаните и останатите парчиња што ги погледнавте. Во најскоро време сум во договор со фотограф да се направи фотосесија. Од неодамна имам ателје и колекцијата веднаш ќе биде изложена таму. Сега нештата се свртија кон купувачите, а не оние што гледаат уметност, иако во целата колекција и тоа како има уметност, се е работено со дух и големо срце“, изјави Златко Јовановски по завршувањето на перформансот.

Зимската колекција која вчеравечер ја промовираше креаторката Ирина Тошева, која по шестти пат е на програмата на Моден викенд Скопје, брануваше со нова позитивна енергија и нагласен младешки дух рефлектирани во урбани машки и женски парчиња. И овој пат доследна на својот сензибилитет, Тошева дизајнираше темпераментна линија облека и модни додатоци за луѓе кои единствено прават компромис со својот личен моден идентитет.

Највпечатлив момент што перманетно ја поврзува целата колекција се ситните принтови на зебра како симбол на индивидуалност и во суштина, водечката инспирација во создавањето на колекцијата која понуди различни варијанти на здолништа, комбинезони, шорцеви со висок струк, кошули...

„Колекцијата е наменета за оние кои се во постојано движење и имаат желба да се разликуваат од околината. Токму тие умеат да ги слушнат своите инстинкти и да изгледаат онака како што се доживуваат одвнатре. Удобноста, минимализмот и младешкиот дух по кои најчесто се дефинира мојот пристап кон модниот дизајн, ќе бидат дел и од новата колекција, објаснува Ирина која во оваа колекција за разлика од претходната колорната карта ја ограничи на неколку основни бои:  сиво, тегет, зелено и розово. Акцентите се бели, а строгиот крој и тешките ткаенини како сомотот и волната се  водечките елементи во новата колекција.

Покрај принтот со зебри, истата тематика беше искористена и во дефинирањето на аксесоарите.

-Зебричките во форма на додатоци, копчињата и рачките на торбите се дизајнирани  во моја соработка со Кристина Манчева, а ги изработи дизајнерката Александра Шекутковска , но и торбите кои ги видовте на писта беа изработени од мене за нејзиниот нов бренд. Инаку, целата филозофија на колекцијата е да не заборавиме дека сме дел од еден поголем систем. Со секое ширење на градот, зебрата всушност го претставуваше пешачкиот премин, тој премин од природа во град, објаснува Тошева.

Ирина Тошева Ирина Тошева

Пред да ја промовира својата колекција во Скопје, Ирина имаше прилика за прв пат јавно да ја постави линијата пред публиката во Нови Сад.

„ Нови Сад беше одлична прилика да ја видиш публиката која не ја познаваш, како реагира на колекцијата која претходно не беше прикажана никаде. Реакциите беа позитивни, критиките исто така и се надевам дека и понатаму ќе имам шанса да презентирам и на други места во Србија. Прво претставување ми е таму. Имав можност да се запознаам со луѓе што имаат концептуални продавници и се надевам дека ќе излезе некаква комбинација“, вели дизајнерката.

Модната сложувалка на третата вечер од Модниот викенд,  ја комплетираше македонската креаторка Олгица Ѓоргиева со колекцијата која донесе париски шмек, истовремено релаксиран и женствен дух, насловена “ Complete your puzzle”.

Парискиот шмек беше логично резиме на престојот на Олгица во Париз додека ја подготвуваше колекцијата, додека женствениот дух е нераскинлива експресија од нејзиниот сензибилитет. Оваа дизајнерска сложувалка прави баланс помеѓу секојдневните, носливи парчиња, но и такви со елегантна нота и свечен дизајн, што приказната ја прави комплетна.

Интересен момент во замислата на Олгица е што идејата која ја носи насловот на колекцијата е со парчињата од оваа колекција секоја жена да ја надополни својата стилска сложувалка, независно дали се работи за дневен или вечерен изглед.

 

 “ Complete your puzzle” “ Complete your puzzle”

„ Во волекцијата не беше идејата да бидат застапени формите што наликуваат на сложувалка, иако во дел од парчињата беа застапени на одредени детали.  Таа сложувалка од насловот можеби треба поинаку да се сфати, пошироко, бидејќи сите ние имаме некоја сложувалка за сложување. Ни недостигаат разни парчиња, па тој моглед можам да ја комплетирам сложувалката од колекцијата. Имаше цветни принтови, живот, беше забавна, а се надевам дека во истата ќе се пронајдат повеќе девојки и жени што ќе ја комплетираат нивната модна сложувалка“, објаснува Олгица.

Се сложуваа кратките топови со панталоните со висок струк во А крој, потоа кошулите и елеците изработени во стил на кимоно со предимензионирани панделки позиционирани странично или во задниот дел. Покрај романтичните кратки и долги здолништа, не беа исклучени и кратките шорцеви, исто така со висок струк кои се водечка тенденција и за оваа сезона. Во нивната изработка се користени свила, памук, вискоза и тексас во доминантните сина, жолта, бела и црна боја.

„Во принцип сум позната по изработката на индивидуалните дизајни, но во следниот период ќе се насочам и кон покомерцијален дел. Нема да има серии на парчиња, но постојано ќе има нешто ново во моето ателје, ќе бидат и со поразлични цени од оние за нарачка по мерака. Работам неколку години, а нормално со самата работа клиентите се зголемуваат. Релана сум и ако продаолжам вака сигурно ќе имам поголем напредок“,  Олгица ги споделин размислувањата за своите идни планови.

Олгица Ѓеоргиева Олгица Ѓеоргиева

Вечерва, модното патување продолжува, но овој пат останува на истата локација, во салонот на Ауди Порше каде ќе бидат промовирани колекциите на дизајнерите:  Марина Миќановиќ (Србија), Стефанија Насеска, Le Brand, Никола Петровски, Оливера Штакоска, Инес Шабан, Флутура Дедиња (Косово) и Лидија Георгиева.

Објавено:
26 октомври 2014
Категорија: 
Колекции