Букет од рози, замислете го како фустан. Ова е нашиот прв впечаток од новата pre-fall колекција на етаблираната модна куќа Каролина Еререа под креативно водство на Вес Гордон.
Женственоста со сета своја грациозност вратена на пиедесталот. Ако последниве неколку години предимензионираните и лежерни кроеви, пижамите и спортската облека беа присутни во секоја сфера од нашиот секојдневен живот, оваа колекција нѐ враќа кон елеганцијата, романтиката и дамската естетика, што веројатно ќе им се доапдне на жените кои го преферираат овој стил.
Многу фантазија, бајковитост и раскош соединети во еден концепт, кој веројатно ќе си го најде своето место на црвените патеки во сезоната на награди која ни претстои.
Воздушести и слоевити силуети, флорални принтови и деликатни срцевидни форми, хармонично соединети во смели женствени дизајни кои магнетски привлекуваат внимание, погледи и воздишки.