Луксузните одмори во Италија на џет сетот од 50-те и 60-те години, послужи како инспирација за новата колекција од Висока мода (Alta Moda) на двоецот Долче и Габана насловена „La Bella Vita", што за прв пат беше презентирана во дигитален формат, како што наложуваат околностите.
Стилот на Брижит Бардо, Софија Лорен, Џеки Кенеди, кои летувале во најексклузивните ресорти
во овој дел на Медитеранот, е реинтерпретиран во современа форма на луксузот.
Ќе ве воодушеват рачните везови и мотиви, исто колку што ќе го предизвикат вашето внимание и принтовите и деталите инспирирани од цвеќињата во градините на Портофино, егзотичното овошје на Капри, како и фреските во ренесансните вили со поглед на Медитеранот... Сите обединети со фантастичен колор.
Флуидните кроеви во лесен танц со шаренилото од детали и дезени, создаваат една совршено синхронизирана целина која со секој сегмент ви открива нови светови од италијанската егзотика.
Долгите кафтани и марамите врзани во турбани, масивниот накит, „палазо" панталоните, кимоно наметките, елегантните комбинезони, блејзерите во сетови со кратки шорцеви, го создаваат слоевитот пејсаж на овој најекстравагантен уметнички приказ на модниот дизајн на италијанскиот бренд.
Фото: D&G