Актуелната модна недела во Париз особено е интересна, бидејќи сите со нетрпение очекуваат што ќе прикажат три големи модни куќи, односно нивните нови креативни директори.

Неделата започна со првата ревија на Вакарело за „Сен Лоран“, а вчера модниот свет со големо внимание ја проследи првата ревија на Бушра Жарар за „Ланван“.

Да се продолжи 15-годишната работа на Албер Елбаз не е ни малку едноставен предизвик. Читајќи ги првите коментари и реакции за тоа дали успеа да се одржи на висина на задачата, оваа 46-годишна дизајнерка нема да биде многу среќна.

Доколку ја сакате црно-белата естетика, тогаш веруваме дека ќе ви се допадне колекцијата за пролет-лето 2017, а ако сте од оние што сакаат боја и живот за следната сезона, тогаш ова ќе ви биде досадно. Жарар се обиде да го задржи луксузот што е еден од синонимите за оваа модна куќа. Користејќи се со свила, сатен, транспарентни ткаенини, таа создаде креации во претежно рамни кроеви, што некои го оценија како недостаток на колекцијата. Имајќи ја превид „лудоста“ на Елбаз, особено кога се кроевите во прашање, ова за повеќето беше премногу едноставно.

Колекцијата е сочинета и од женски одела, како и пижама комбинации во риги, што придонесоа за издолжената силуета.

Кога се модните додатоци во прашање, Бушра искористи штрас и светкави мониста. Застапени во речиси секоја креација, тие требаа да придонесат за луксузниот изглед. Она што го постави како тренд, покрај едноставните, елегантни кроеви, се и украсените влечки, што доминираат над високите потпетици.

-Ги истражував патиштата на сензуалноста... и интимноста – ќе каже пред ревијата Жарар.

И токму и во таа нота е и крајниот резултат. И да сумираме - парчињата се носливи, мошне елегантни и женствени. Главниот впечаток е дека дизајнерката плашливо пристапила кон новата задача и остана во сенката на Елбаз. Но, тоа не значи дека Бушра Жарар нема веќе со следната колекција да блесне во полн сјај и да го покаже сиот свој потенцијал.

 

Дрис Ван Нотен

И Дрис Ван Нотен прикажа колекција во темни бои, но рачно сликаниот принт дава нова димензија на неговите креации. Широките силуети се доминантни, како принтот што некогаш изгледа како да е цветен, но некогаш и сосема апстрактен, како едноставно „напрскана“ боја. За следната пролетна сезона, Дрис ја враќа и мрежата, како и корсетираните и бомбер јакни, кои ги комбинира со широки панталони.

 

Објавено:
29 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
905 пати