Љубовен летен поздрав од Сан Франциско со ресорт колекцијата 2015 на Миу Миу

7 јули 2014

Миуча Прада и Роман Полански Миуча Прада и Роман Полански

Модната дизајнерка Миуча Прада својата ресорт колекција  за 2015 ја опиша со само еден збор „Забава“. Основен инспиративен стимул за креирање на новата ресорт колекција се почетокот на 60-тите и доцните 70-ти години на дваесеттиот век, надополнети со психоделични принтови и летни љубовни вибрации од преубавата панорама на Сан Франциско и дизајни кои кулминираат со строг и елегантен крој на целиот изглед.

Модните новинари кои секогаш будно ги следат последните вести и настани кои се случуваат во рамките на модниот свет, велат дека малку се уморни од константната потреба на дизајнерите да создаваат постојано нови колекции. Тие сметаат дека дефиницијата за тоа што во суштина значи „ресорт колекција“ е малку застарена и тотално неактуелна, но  им се допаѓа фактот што секој дизајнер во презентацијата на својата ресорт колекција вметнува и раскажува некаква приказна и притоа испраќа порака.

Следејќи ги стапките на Шанел, Диор и Луј Витон и Миуча Прада која во модниот свет е позната по исклучително добрата интуиција да го „намириса“ и презентира вистинскиот тренд кој би ја одбележал сезоната, во присуство на голем број познати личности, нејзиниот помлад бренд Миу Миу демонстрираше гламурозни тенденции кои пулсираа во свежите бои и удобните кроеви.

„Многу дизајнери ги истражуваат модните подеми и падови на децениите кои изминаа, така овој пат решив и јас да го направам истото. Со голема доза на ентузијазам и верба се „нурнав“ во доцните 60-ти и раните 70-ти и фасцинирана сум. Сакав да презентирам девојки кои се како кукли и постојано се забавуваат. Целата приказна сакав да наликува на разгледница од едно љубовно лето поминато во Сан Франциско, и успеав, горда сум и среќна“, изјави за медиумите позната дизајнерка.

Стејси Мартин, Фрида Пинто, Лола Бесис, Саорс Ронан, Гема Артертон, Софи Кенеди Кларк и Емили Броувинг Стејси Мартин, Фрида Пинто, Лола Бесис, Саорс Ронан, Гема Артертон, Софи Кенеди Кларк и Емили Броувинг

Ума Турман, Алекса Чанг, Фрида Пинто, Гема Артертон, Лиа Сејдо, Марк Џејкобс, Роман Поланси и многу други ѕвезди беа дел од гостите кои седеа во првите редови додека траеше модниот перформанс. Во продолжение погледнете ги моделите од најновата ресорт колекција 2015 и атмосферата пред почетокот на ревијата.

Објавено:
7 јули 2014
Категорија: 
Колекции