Лудус и Just Because го промовираат најновиот лукбук

3 декември 2014

Надоврзано на насловот на колекцијата  Hybrid Vigor, дизајнирана од Драган Христов кој стои зад етикетата Лудус  и деталите од Нина Симовска, изработен е официјалниот лукбук за истата. Фотографиите се реализирани  во студиото на фотографот Жарко Чулиќ,  со кој Лудус соработува веќе 4-та сезона. Повторно эа фризурата и шминката се погрижија Грацијела Ѓамоска и Елена Арсовска од студиото Панаш, а исто така модел е  Ана Калачоска. Стајлингот го изработи блогерката Мартина Неделковска.

Парчињата кои неодамна имавме можност непосредно да ги погледнеме, ги преминуваат границите на комерцијалната мода и се наменети за дневни и вечерни изгледи. Па така, панталоните стануваат здолништа, кошулите фустани, итн. Игриво и типично за работата на Лудус како концептуална модна етикета, кроевите се надоврзување на започнати приказни и теми од претходните сезони, но овој пат се надополнети со дијаметралното (bias) кроење, асиметрични форми, како и контраст во боите, материјалите и текстурите.

 


Станува збор за мини експериментална колекција во соработка со Нина Симовска, изработена за да ги претстави етикетите Лудус и Just Because на интернационалниот фестивал на современа уметност Паратисима во Торино, Италија, каде се претставија изминатиот месец.

- Учеството на овој саем ја поставува нашата работа на ниво на младите етикети, односно учесници на овој саем од Италија. Нè тера да размислуваме надвор од ограничувањата на локланиот пазар, како од аспект на техничка реализација на самите парчиња, така и од гледна точка на иновативност, оригиналност и порака на нашата колекција. Наиде на одличен прием како кај организаторите на модниот дел од овој саем, така и кај посетителите, појаснува младиот дизајнер за стекнатите искуства од Паратисима, а во продолжение погледнете го остаткот од најновиот фото-продукт на Христов и Симовска.

 

 

Објавено:
3 декември 2014
Категорија: 
Колекции