Лудус и Just Because промовираа хибридно-модно вкрстување

31 октомври 2014

Во концептуалното катче Just Because на дизајнерката на накит, Нина Симовска, вчеравечер младиот талентиран дизајнер кој стои зад познатата етикета Лудус, во соработка со Симовска, заеднички го презентираа новиот  моден продукт, односно колекцијата- Hybrid Vigor. Станува збор за мини-капсулна колекција на парчиња облека, дизајнирани од Христов и парчиња аксесоари создадени од Симовска. Дистинкцијата меѓу сензибилитетот на модните креативци, се вкрсти со компактност која го отсликува дизајнерскиот печат на двајцата. Хибридот поврзан со биологијата, хемијата и антропологијата, продуктираше со парчиња блиски до човековата природа, пресликана преку доминантни пастелни нијанси на кои пак ' му контрираа потемните аксесори,повеќе наменската функционалност и смирениот пристап од кројот.

Во врска со капсулната колекција сочинета од: слоевити кошули и здолништа од жоржет и „ѓаволска“ кожа, коктел фустан и една тоалета, заокружени со зимски елек и капут, дизајнерот Христов вели дека се изработени  да  немаат поврзаност со одредена сезона, туку практична мешавина по која е препознатлив.

- Двајцата работевме на иста тема, односно на хибридните повеќе функционални парчиња. Во принцип не ми е интересно да создавам колекции врзани конкретно за некоја сезона, зашто генерално дизајнирам вечерни парчиња што не би требало да се многу топли, но затоа се тука шапките и шаловите кои ги изработи Нина, а тие се токму такви-топли и одговараат за комбинации во зимскиот период, објаснува Драган за Fashionel и додава дека непосредниот промотивен пристап е многу попрактичен од класична ревија пред публика.

-Станува збор за мини-капсулна колекција, а тргнав од истото за една ваква концептуална промоција, каде што можат непосредно да се доживеат парчињата, да се допрат, па дури и да се пробаат. На ревија ќе успеете да ги видите креациите, но сепак тој посреден начин бара дополнителен преглед и перцепција кон истите, токму затоа се одлучив за ваква промоција.  Во моето искуство овој пристап се покажал како пофункционален. За изработка на ревија треба време и финансии, а тоа е малку тешко да се постигне кај нас, вели дизајнерот.

Идејата за заедничката соработка на Христов и Симовска е поттикната од нивното учество на првиот саем на уметност Паратисима кој се одржа во Скопје. Аксесоарите што ги видовме вчеравечер, изработени од Нина,  во целост се надополнуваат на естетиката од целосната визуелна слика на прчињата облека. Накитот е во директна корелација со природата, изработен од топли волнени материјали, кожа надополнета со монистра, која пак преку колоритноста одлично контрира на боите од креациите на Христов. Ѓерданите се во форма на јака изработена од кожа, рачно обработена со аплицирана монистра, како и такви со патенти.

-Со Драган имаме многу сличен сензибилитет и естетика во работењето, така што соработката дојде многу спонтано.Тој го работи неговиот дел, модниот дизајн на облеката, додека мојот дел беше изработката на накитот. Истиот  се состои од околувратници со малку поспецифичен  дизајн  и се одлучивме да изработиме похрабри парчиња. Покрај тоа има и неколку чанти како дополнителен дел, меѓутоа акцентот е ставен на накитот, изјавува Нина, надоврзувајќи се на тоа дека колекцијата е впечатлив спој на машка и женска енергија.

-Сакав да пробам нешто ново. Лично сум љубител на околувратници и масивни, големи ѓердани. Така што овој пат работев  на таков накит при што користев со мешавина од еко и природна кожа. И самото име на колекцијата „Хибрид Вигор“ упатува на тоа дека се работи за спој на две различни страни кои се спојуваат во една трета која што го превзема најдоброто од двете. Во мојот случај се работи за спој на геометриските мотиви со цветните, односно спој на онаа потехничката, машка со женствената страна. Сето тоа се манифестира во широки, масивни ѓердани  при чија изработка во еден дел се користи техника на везење, а во останатиот дел техника на перфорирање, односно орнамнтирање, вели Симовска.

Промоцијата на колекцијаата  Hybrid Vigor не застанува со синоќашното претставување. Истата веќе за неколку дена патува во Торино-Италија на саемот за современа уметност, откако настанот во соработка со градот Торино за прв пат се одржа и во Скопје, а учество земаа неколку македонски креативци.

Покрај веќе зацртаните промотивни планови, за колекцијата во финална изработка е и лукбук, за кој Христов вели дека е добро проверен проект со тимот на кој најмногу му верува. Тоа е манекенката Ана Калачоска, фотографот Жарко Чулиќ и студиото Панаж, задолжени за шминка и фризура.

-Веќе изработивме и лукбук за колекцијата , кој е во фаза на финална доработка. Работев со проверен тим, со кој соработував и за претходните колекции. Беше макотрпно да се најде вистинската екипа, а заедно со моделот Ана Калачоска  успеавме да го изнесеме најдоброто и  не би ја менувал со друг модел, заврушва Драган.

Меѓу сите новитети  за кои не информираа, Драган го најави и повторното организирање на Поп-Ап продавницата,  во која ќе бидат вклучени дизајнери на накит и облека што сакаат на јавноста да и го приближат својот креативен продукт.

 

 

Објавено:
31 октомври 2014
Категорија: 
Колекции