MFW: Револуција, хармонија и безграничен колорит

27 февруари 2015

Миланската модна недела вчерашниот ден ни презентираше флуид од емоции, теми и одговори на прашањето: Кои ќе бидат носечките тенденции следната сезона есен-зима? Од ексцентричнит приказ на хип-хоп култирата на Москино, па преку слоевитиот колорит на Прада, до сензуланоста исполнета со емоции на MaxMara...

 

Фенди – гламур, аристократија и природа

Карл Лагерфелд преку суптилниот гламур, во оваа колекција воспостави блиска релација со природата и го потенцираше своето чувство за геометриска прецизност преку формите карактеристични за аристократијата во 70-тите. Цвеќиња ѕиркаа од чантите кои го заокружуваа речиси секој аутфит, а „градинарските“ ракавици беа стилизирани до степен на дамски, елегантен изглед, обагородени со крзно. Ревијата започна со комбинации целосно обоени во бело, со што Лагерфелд уште еднаш ја нагласи аристократската нишка, па продолжи со комбинација на црна со чоколадна, црвена со бела, за финишот да го обои во беж тонови. Доминираа долгите капути на врзување, кратките волуменозни палта и предимензионираните странично поставени џебови. Пачворк техниката беше застапена во изработката на крзнените капути, а комбинацијата на кожа, плетенини и крзно, се провлекува од почеток до крај. Единствено што недостасуваше на ревијата беше миленичката на Лагерфелд, Кара Делевињ...

Прада – се’ е во комбинацијата на бои

Интензивен колорит, силна и чиста колекција, со младешка порака во која се чувствуваат вибрациите на 60-тите – Прада есен-зима 2015. Во оваа колекција се’ е сведено на комбинацијата на шеќерни бои: розово со сино, зелено со сиво, црвено и кафеаво, како што се слоевити комбинациите од кошула, елек и палто-сако така слоевит е и колоритот. Повторно се враќа трендот на кошула под фустан, ракавиците над лакт и украсните брошеви со флорални мотиви.

 

Москино – ексцентричен моден фазон на цртан филм

Од Москино не очекувавме ништо помалку! Најколоритната варијанта на хип-хоп културата ни ја прикажа Џереми Скот во колекцијата есен-зима 2015. Комбинирани се јаки бои во еден аутфит што содржи предимензионирана јакна, дебел ланец околу врат, качкет, широк блузон и шорцеви. Цртаните ликови се главните херои аплицирани на спортските дресови и блузоните, а тоалетите и фустните што ја затворија ревијата се ишарани со графити.

 

Just Cavalli – револуција и хармонија

Диско шарм, спој на револуција и хармонија и влијание на 70-тите, се базичната основа на новата колекција на Just Cavalli. Во силуетите типични за 70-тите години е направен микс на бои, текстури, принтови и материјали. Крзно, кадифе, кожа и транспарентни материјали во црна, окер, бела и темно црвена боја, споени со животински, геометриски и флорални принтови.

 

MaxMara  - меко и романтично

Лежерна женственост во духот на 60-тите, е визијата на MaxMara за тенденциите за следната сезона есен-зима. Целата колекција е мека, удобна и романтична, почнувајќи од незаменлиот кашмир, пудрестите тонови на беж и песочните и ментол нијанси, па се до плетените џемпери и блузони комбинирани со молив-здолништа.

Објавено:
27 февруари 2015
Категорија: 
Колекции