Модна геометрија на иднината

2 декември 2014

Модниот минимализам и филмската естетика на култниот филм „Пеколен портокал“на легендарниот Стенли Кјубрик, одлично се вклопи во визијата на модната дизајнерка од Битола, Лили Кадинска. Креаторката која твори под псевдонимот „Le Brand“ за колекцијата пролет – лето 2015 година која ја претстави на Модната недела во Скопје изработи и едиторијал.

Футуристичката слика на модели е скроена главно врз бела основа, но во процесот на дизајнирање со цел да се разигра целата линија вметнати се портокаловата и темно виолетовата нијанса. Геометриските форми и асиметријата го сочинуваат модното јадро на комбинациите. Кај еден дел од моделите доминираат строгите форми, како и здолништата на преклоп со длабок отвор во А- крој. Во вториот дел пак линијата изобилува со плисирани здолништа и фустани што на  колекцијата и даваат еден помалку ретро призвук. Дел од креациите се едноделни, иако гледајќи во целост создаваат илузија дека се две одделно споени парчиња. Трендовскиот пеплум е исто така присутен кај дел од моделите, а џебовите како моден детаљ се аплицирани скоро кај сите модели.

Розовото пано кое е земено како основа пред кое позираат двете манекенки во улога на статични кукли Ана Јанкуловска и Теодора Врзовска, одлично соодветствува со дизајнот и боите на креациите. Акцентот е ставен на геометријата, затоа и моделите како свои главни реквизити имаат и геометриски фигури во бои кои се контрастни со розовата позадина. Кадинска во својот концепт прави интересен спој помеѓу математичката операција, односно геометријата, разиграниот колорит во просторот и строгите, асиметрични кроеви кои и даваат специфична завршница на целата замисла. За фотографските кадри се погрижи Владимир Видановски, додека шминката е на Марија Станоевска.

 

Објавено:
2 декември 2014
Категорија: 
Колекции