Модната недела во Мадрид, која се одржува од 14 до 18-ти февруари, го доживува своето 59-то издание. Во овие неколку дена на модниот настан под покровителство на Мерцедес Бенз, ќе се претстават 40 најдобри шпански дизајнери во моментот, презентирајќи ги своите колекции за есен-зима 2014/15.
Ова е еден од најзначајните модни настани во Шпанија, затоа што тука се гледа развојот на шпанската модна сцена и различните модни јазици на дизајнерите.
Во тој контекст, она што можеше да се види на пистата изминативе неколку дена е изразена театралност. Некои испирацијата ја најдоа во пердувите од паун, па во повеќе наврати можевме да видиме различни интерпретации на ист мотив.
По пистата прошетаа и креации кои би можеле да ги замислите во детска театарска претстава, но деловите поединечно можат да бидат одлично вклопени во урбани комбинации, за похрабрите љубители на модата. Она што во светските модни метрополи се повеќе е реткост, овде доминира- мешаните модни шоуа. Така, истовремено беа прикажани трендовите и за мажи и за жени.
Сепак, во текот на овие неколку дена не изостануваат и чистите линии, креации во вечната црна боја, особено нагласувајќи ја елегантноста. Кај дизајнерот Роберто Верино елеганцијата доминираше и тоа преку креациите кои беа негово видување на легендарната Одри Хепберн.
И додека тој ја прикажа шпанската Одри Хебперн, на пистата прошета и урбаната девојка на Ана Локинг, која посочи на емотивното американско патување, помеѓу Истокот и Западот, а не беа занемарени ниту љубителите на долната облека.
Но, речиси низ сите модни шоуа беа впечатливи деталите на кои очигледно дизајнерите посветиле внимание, како и на амбиентот во кој ќе ги претстават своите креации. Така, впечатлив накит, интересни хулахопки, додатоци за коса, чанти беа исто така неизоставен дел од модната недела во Мадрид.
За денес, последниот ден од модната недела се предвидени пет дупли модни шоу-а, а во продолжение погледнете го тоа за што ви зборувавме погоре.